Иванов: Проширувањето на ЕУ е политичко и стратегиско прашање

Јазот меѓу заедничките цели на Европската унија и посебните интереси на државите-членки е се поголем. Сево ова придонесува наместо подлабока интеграција да имаме се поизразена регионализација. Државите се повеќе се групираат со цел поуспешно да се справуваат со предизвиците, но и подобро да ги користат можностите, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во своето второ обраќање на форумот „Кран Монтана“, што се одржува денеска во Брисел, на сесијата посветена на соседската политика на ЕУ со посебен фокус на „Иницијативата три мориња“.

Претседателот посочи дека нерешената финансиска, актуелната мигрантска и растечката безбедносна криза делумно ги парализираа европските институции.

„Занимавајќи се сама со себе, Унијата го забави проширувањето и го запостави истокот и југоистокот на континентот“, рече Иванов.

Македонскиот претседател ги посочи Вишеградската група, иницијативата на Кина за соработка со земјите од ЦЕИ 16+1, Процесот Брдо-Бриони, како и „Иницијативата за трите мориња“ како успешни примери на соработка.

„Овие форми на регионализација не се антиевропски, туку проевропски. Тие го пополнуваат вакуумот на соработка што се создаде поради бројните европски кризи. Регионализацијата е порака до ЕУ да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното поврзување, да го отвори просторот“, рече Иванов.

Благодарение на примерот на Вишеград, посочи македонскиот претседател, денес дури седум од државите што се дел од „Иницијативата за три мориња“ имаат свои полициски сили на македонската граница.

„Овие држави најнепосредно и помагаат на Република Македонија во борбата против илегалната миграција. Брдо Бриони праќа јасна порака дека одлагањето на проширувањето во комбинација со економската криза и безбедносните предизвици го направија нашиот регион уште поранлив на надворешните фактори на дестабилизација. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред се политичко и стратегиско прашање, порача претседателот Иванов.

Истакна дека инфраструктурното поврзување е особено значајно за земјите кои се’ уште не се дел од ЕУ.

„Затоа, Република Македонија ги поддржува проектите за изградба на Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен-Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав. Со тоа ќе се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал“, посочи во обраќањето на „Кран Монтана“ Форумот претседателот Иванов, додавајќи дека Македонија сака да биде економски, енергетски и инфраструктурно поврзана, иако не е дел од „Иницијативата три мориња“.

Во своето обраќање претседателот Иванов ја потенцираше потребата од брза европска и евроатланска интеграција и зголемување на регионална соработка на полето на безбедноста.

Македонскиот претседател кој престојува во работна посета на Брисел, денеска се обрати и на официјалната сесија на отворањето на форумот „Кран Монтана“, а попладне ќе оствари средба со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, Дидие Реиндерс. Претседателот Иванов, вчера оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.