ТОП,Политика

Иванов: Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат

Иванов: Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат

По остварените консултации сакам да известам дека мандат за состав на нова Влада ќе добие партијата или Коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието, со други зборови- прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на нова Влада во согласност со член 90 од Уставот на РМ.

Ова го истакна претседателот Ѓорге Иванов, по консултациите со раководството на БЕСА, ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека што и да се случи, тој ќе постапува во интерес на државата и граѓаните на Македонија.

-Веќе две ипол години минуваме низ длабока политичка криза. Неодамна се одржаа и долгоочекуваните избори за кои се надевавме дека ќе дадат излез од ваквата состојба, но наместо конечно да почне да се разрешува, истата влезе во нова фаза. Изминативо период се изнаслушавме разни толкувања на Уставот, секој го толкува онака како што сака или како што му одговара, потенцираше Иванов.

Јас како претседател, додаде тој, дадов заклетва дека ќе го почитувам Уставот и законите, а Уставот ја одразува нашата автентична македонска реалност.

-Не само што не може да се толкува според нечии партиски желби и интереси, туку според Уставот се мери и се друго. Членот 90 е јасен- претседателот на РМ е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Влада да го довери на кандидат на партија, односно партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Го искористив уставното право и обврска, водејќи се од Уставот и по извршените консултации на 9 јануари 2017 година, мандатот му го доделив на Никола Груевски, со тоа го испочитував Уставот и останав доследен и на досегашната практика.