Иванов, Рама и Мета со заложби за инфаструктурно поврзување на Македонија и Албанија

Политичкиот дијалог меѓу Македонија и Албанија на сите нивоа е континуиран и плоден, а инфраструктурното поврзување ќе ја зајакне економската соработка, поради што фокусот во иднина треба да биде реализација на инфраструктурни проекти.

Тоа е оценката од денешните средби во Тирана на македонскиот претседател Ѓорге Иванов со албанскиот премиер и со претседателoт на албанското Собрание, Еди Рама и Илир Мета, пренесува МИА.

На средбите со Рама и со Мета, во рамки на официјалната посета на Иванов на Албанија, е констатирано дека стратешки приоритети во билатералната соработка меѓу двете земји се продлабочување на економската соработка и промоција на стопанските потенцијали, реализација на инфраструктурите проекти, значајни за двете земји и регионот, обезбедување енергија, поефикасно искористување на европските фондови и соработка во сферата на безбедноста.

Неопходно е, истакнал Иванов, натамошно интензивирање на соработката меѓу двете земји на владино и на парламентарно ниво, преку иницирање проекти и иницијативи од заемен интерес. На средбата на Иванов и Рама е нагласена неопходноста од инфраструктурно поврзување, не само меѓу Република Македонија и Република Албанија, туку и на патно и енергетско поврзување на целиот регион. Со инфраструктурните поврзувања, оцениле, ќе се олесни и економската соработка меѓу двете земји.

На средбите е договорено соработката меѓу двете соседни земји и билатерално, но и во рамки на регионалните иницијативи, да продолжи со фокусирање на инфраструктурните проекти.

Иванов, Рама и Мета разговарале и за севкупните состојби во регионот, од аспект на неговата европска перспектива. Македонскиот претседател, во тој контекст истакнал дека евроинтеграцијата на државите од регионот е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој и изразил очекување да продолжи заемната поддршка меѓу Македонија и Албанија на тој пат. Се заблагодарил за досегашната поддршка од Албанија за аспирациите на Македонија за членство во НАТО и изразил очекување за таа да продолжи.

На средбите се разменети мислења за актуелните состојби и предизвици на регионот, како и за соработката и во други сфери од взаемен интерес, вклучувајќи ја соработката на мултилатерален план.

Иванов ја почна посетата на Албанија со средба со својот домаќин, албанскиот претседател Бујар Нишан, на која беше оценето дека е неопходна поголема економска соработка и беше повторена поддршката од Албанија за членство на Македонија во НАТО. Двајцата претседатели порачаа дека заедничката иднина на двете држави е во Европската унија, а разговараа и за прашањата на албанската и на македонската заедница во Македонија и во Албанија.

На агендата за денеска на Иванов се и средби со градоначалникот на Тирана, Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква, Анастасиј Јунулатос.

На вториот ден од престојот во Албанија е предвидена средба на Иванов со поранешниот албански претседател Бамир Топи, по што ќе ја посети македонската заедница во Општина Пустец. Тоа ќе биде прва посета на Пустец на највисоко државно ниво од претседател на Македонија.