Иванов се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Заниер

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

На средбата Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, посочил дека Република Македонија ја цени соработката и поддршката што ОБСЕ ја дава во повеќе области, особено во владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

Во таа насока било разговарано за исполнувањето на политичкиот договор од јуни/јули и тековните активности кои се преземаат за организирање на претстојните предвремени парламентарни избори, при што од особено значење е и улогата на ОБСЕ во обезбедувањето фер и демократски слободни избори.

Во однос на предизвиците со мигрантската и бегалската криза, македонскиот претседател истакнал дека дозвола за влез и транзит низ Република Македонија добиваат само лица на кои им е потребна меѓународна заштита, бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан.

Претседателот Иванов нагласил дека за навремено и адекватно справување со заканата од илегална миграција е потребно распоредување на ФРОНТЕКС на грчко – македонската граница, како и интензивирање на координацијата и комуникацијата со грчката полиција и служба.

Македонскиот претседател и генералниот секретар на ОБСЕ размениле и мислења во врска со безбедносната состојба во земјава и регионот. Во врска со справувањето со безбедносните предизвици, клучен проблем, оценил претседателот Иванов, претставува недоволната размена на податоци, недоволната координација и соработка меѓу безбедносните служби во регионот.