Македонија,Политика

Иванов се сретна со македонските дипломати

Иванов се сретна со македонските дипломати

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска оствари работна средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва и мисии на Македонија во странство.

На средбата, македонските дипломати го информираа претседателот Иванов за нивните активности во текот на 2013 година и беа разменети мислења и предлози во насока на подобрување на состојбите во македонската дипломатија.

Централна тема на средбата беа најважните надворешно-политички приоритети на Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваме. Претседателот Иванов ги изнесе позициите, размислувањата и очекувањата на државниот врв за наредната 2014-та година.

Претседателот изрази задоволство од ангажманот на македонската дипломатија во афирмацијата на Република Македонија, нејзините постигнувања, придобивки и нејзините вредности, како и од придонесот во градење на позитивен имиџ за земјава на меѓународен план.

Македонскиот претседател побара од дипломатската мрежа натамошна максимална посветеност на афирмирање на позицијата на Република Македонија во однос на стратешките надворешно-политички цели, како и афирмација на конструктивноста на државата во регионалните иницијативи и континуираните придонеси и конкретни активности во градење на добрососедските односи.

Со цел кредибилна дипломатија, претседателот Иванов го реафирмираше ставот за поголема слобода во делувањето на македонските дипломати, пропратено со поригорозна контрола и оценување на нивниот ангажман. Воедно, беше потенцирана потребата од зајакнување на активностите на дипломатите во функција на економскиот развој на државата и промовирање на економските потенцијали на Република Македонија со цел привлекување на странски инвестиции во земјава. Претседателот Иванов ја потенцираше важноста и од засилена јавна дипломатија.

„Мора да се пронајде начин како сите успеси на Македонија, без оглед на кое поле, да бидат афирмирани во јавниот и стручен простор на земјата – домаќин. Очекувањето други да ја завршат работата која треба да ја сработи македонската дипломатија, или недоволното присуство во јавната дипломатија, се луксуз кој не можеме и не смееме да си го дозволиме“ посочи пред дипломатите претседателот Иванов.

Во однос на македонското национално малцинство, беше истакната потребата за поголема заложба за обединување на дијаспората, надминување на проблемите и унапредување на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји, и нивни ангажман во насока на економскиот развој на државата.

Претседателот Иванов изрази задоволство од постигнатата добра координираност на дипломатската мрежа со надлежните институции во земјата, но посочи дека на овој план се уште има простор за подобрувања.