Македонија

Иванов се сретна со претседателот на Бугарија Плевнелиев

Иванов се сретна со претседателот на Бугарија Плевнелиев

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска во Софија, оствари средба со претседателот на Република Бугарија, Росен Плевнелиев.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, на средбата била разгледана актуелната состојба во билатералните односи меѓу двете земји, беше разговарано за евроатлантските интеграциски процеси, како и за регионалната соработка.

Претседателот Иванов ја реафирмираше определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.

– Понекогаш меѓу соседите се појавуваат разлики во однос на одредени прашања, но истите на никој начин не смее да влијаат негативно на севкупните односи и соработката. На разликите треба да им се пристапи со заемно почитување и да се надминуваат со дијалог, рече македонскиот претседател.

Бугарскиот претседател Плевнелиев се заблагодари за присуството на претседателот Иванов во Софија, во моменти кога бугарскиот народ се збогува со првиот демократски избран претседател Жељу Желев, оценувајќи го како пријателски гест. Република Бугарија сака да биде најголемиот пријател и најголемиот поддржувач на Република Македонија, нагласи бугарскиот претседател Плевнелиев, согласувајќи се дека на отворените прашања треба да се пристапи со взаемно разбирање и почит, и низ дијалог да се надминат недоразбирањата.

Двајцата претседатели се договорија во наредниот период да се интензивираат контактите, не само на највисоко ниво, туку на сите нивоа.

Информирајќи го својот бугарски колега за актуелностите во евроатлантските интеграции и негативното влијание на статус кво состојбата за Република Македонија и генерално за регионот, претседателот Иванов побара поддршка од Република Бугарија за деблокада на интеграциите во наредниот период.

– Очекувањата на граѓаните на Република Македонија се дека Република Бугарија ќе биде еден од најсилните поддржувачи на нашата земја. Проширувањето на НАТО и завземањето на заслуженото членство на Република Македонија ќе влијае позитивно за стабилноста и безбедноста на нашиот регион, истакна претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија очекување работните групи на министерствата за надворешни работи на двете земји да продолжат со работа во наредниот период, со цел усогласување на Договорот за добрососедство врз основа на принципиелниот став и размената на писма на двајцата претседатели – декларацијата од 1999 година да се трансформира во Договор за добрососедство.

Претседателот Иванов и претседателот Плевнелиев изразија очекување со потпишувањето на договорот меѓу двете земји да се влезе во фаза на поинтензивна соработка за искористување на потенцијалите во повеќе сфери, економска, инфраструктурна, прекугранична соработка, соработка во областа на културата, образованието и туризмот.

На средбата, беше нагласена и потребата за зголемување на соработката на безбедносните служби, со цел превенција и соочувања со појавите кои што се закана и за нашиот регион.