Иванов: Секоја појава на нетрпеливост мора да се спречи

Комеморацијата во логор Аушвиц-Биркенау беше момент на потсетување на едно од најстрашните злосторства во историјата на човештвото, потсетување до што се може да доведе нетрпеливоста и непочитувањето на разликите меѓу луѓето, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој вчера заедно со повеќе лидери од Европа, САД и Канада присуствуваше одбележувањето на 70. годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау.

„На овој настан присуствуваа голем број на светски лидери, кои пројавија интерес за состојбите во нашиот регион. Разговорите што ги имав со нив покажаа дека многумина не се запознаени со сето она низ што минале Евреите од Македонија, односно како во еден сличен логор на смртта од фашистичка Германија исчезнала речиси севкупната еврејска заедница од Македонија. Разговаравме за состојбите во регионот, засостојбите во Европа, за сето она што се случува денес. За сите оние стравови, предрасуди и нетрпеливости кои се појавуваат денес и дека мораме да бидеме свесни кон што тоа води. Овој настан, оваа комеморација е можност да се потсетиме дека секоја ваква појава мора да се спречи, изјави претседателот Иванов.

 

На комеморацијата се обрати полскиот претседател Бронислав Коморовски, претставници на преживеаните, а беше претставена и кампањата “18 столбови на сеќавањето”.

На комеморацијата, покрај македонскиот претседател присуствуваа претставници на повеќе европски земји, САД и Канада, меѓу кои претседателот на Франција, Франсоа Оланд, германскиот претседател Јоаким Гаук, австрискиот претседател Хајнц Фишер, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, холандскиот крал Вилхем-Александар, белгискиот крал Филип, украинскиот претседател Петро Порошенко, литванскиот претседател Далиа Грибаускаите, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, словенечкиот претседател Борут Пахор, швајцарскиот претседател Симонета Сомаруга, премиерите на Норвешка и на Холандија, норвешкиот престолонаследник и други државници.