Иванов: СЈО се покажа како инструмент за уцена

Доколку не блефира, го охрабрувам единствениот аболициран политичар во Република Македонијa, Зоран Заев, врз основа на законските измени да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилување, рече претседеталот Ѓорге Иванов во денешното попладневно обраќање пред јавноста.

Според Иванов, правната држава ја нарушија оние кои поради недостаток на политичка култура и култура на дијалог и компромис, немаа доблест своите недоразбирања да ги решаваат во институциите на државата.

– Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и ДУИ бидејќи уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнеме, да седнеме и да се договориме, туку трчаа во амбасадите на странските држави. Правната држава, сувереноста и независноста ги загрозија овие двајца неодговорни политички лидери кои придонесоа да го добиеме договорот од Пржино и кои не се ни придржуваа кон тој договор, рече Иванов.

Специјалното јавно обвинителство кое се формираше ад-хок, со точно определна наменска цел, согласно договорот на политичките партии и од кое се очекуваше со својата работа да биде во функција на решавање на политичката криза, а не нејзино продлабочување, за жал, наместо да биде инструмент за правда, се покажа, нагласи, како инструмент за уцена.

– Од сите милион фајлови кои кажуваат дека ги имаат, ги одбра само оние кои се однесуваат на претставниците на власта, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Селективниот прогон на СЈО создаде мачна атмосфера во општеството. Јас и јавно прашав по која методологија се одбрани само тие случаи. Одговорот го даде лидерот на опозицијата Заев кој изјави дека Специјалното јавно обвинителство постапува исклучиво по пријави доставени од опозицијата. Значи, наместо специјално обвинителство добивме селективно обвинителство, кое е исклучиво во функција на опозицијата, истакна претседателот.