Иванов со честитка по повод католичкиот Божик

Претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Подолу интегрално ви ја пренесуваме честитката.

Ми претставува чест и задоволство во овие претпразнични денови да Ви го честитам претстојниот голем христијански празник, празникот на  Раѓањето Христово – Божик.

Овој голем празник на љубовта, мирот и на помагањето нè учи да живееме во простување и во милосрдие, да ги следиме врвните морални закони во нас и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината.

Божик е време за мир, заедништво и добри дела. Време кога на нашите ближни им подаруваме љубов и добрина. Време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на верските различности и религиозните посебности како врвна вредност на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество.

Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово – Божик на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме божиќната порака за вистината за верата која ја живееме. И овој Божик, нека светлината и топлината ги исполнат нашите домови, нека ни донесат лична и семејна среќа, верба во себе и во другите, и креативна енергија за да придонесеме за севкупниот напредок на нашата татковина Македонија.