Иванов со честитка за Националниот празник на Кина

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, до кинескиот претседател Си Џинпинг упати честитка по повод одбележувањето на Националниот празник на Народна Република Кина.

– Ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви го честитам Националниот празник на Народна Република Кина, со најискрени желби за Вашата земја да продолжи да се развива на патот кон просперитетот, стабилноста, мирот и благосостојбата, и да продолжи, како досега, да дава драгоцен придонес кон севкупниот мир и напредок на светот. Дозволете ми по повод оваа свечена пригода, да ги изразам нашата искрена подготвеност и посветеност да продолжиме да ги негуваме искреното пријателство и одличните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, што ги краси заемна доверба и разбирање, се наведува во честитката.

Во честитката Иванов ја искажува личната благодарност и благодарноста на граѓаните на Република Македонија за принципиелната и континуираната поддршка и помош од Народна Република Кина.

– Во таа насока сакам да ја пренесам цврстата определба за односите меѓу нашите пријателски земји и во иднина да бележат позитивен развој и зголемена динамика во градењето на пријателството и партнерството, истакнува претседателот Иванов во честитката упатена до неговиот кинески колега Џинпинг.