Иванов со дојранчани разговараше за туризмот

Претседателот Иванов, во рамки на денешната посета на југоисточниот дел на Република Македонија, ја посети општина Дојран.

На средба со граѓаните на Стар Дојран, претседателот Иванов беше запознат со тековните проекти што се спроведуваат во општината, вклучувајќи ја реконструкцијата на локалниот пат за с.Црничани, во вредност над 17 милиони денари, завршената реконструкција на регионалниот пат Струмица-Дојран, во вредност од приближно 166 милиони денари, како и за санацијата на регионалниот пат Фурка-Дојран, проект вреден 17 милиони денари, пренесе „Курир“.

Претседателот Иванов беше информиран и за тековните проекти за развој на туризмот во Дојран, каде сезоната за 2013 година, со реализираните над 120.000 ноќевања, беше најуспешна во последните 10 години.

Македонскиот претседател беше запознат и со вложувањата во уредувањето на плажите на дојранското крајбрежје. Во 2013 година функционираа вкупно 9 плажи, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 2012 година, кога функционираа само четири.