Иванов со своe обраќање пред пратениците во Собранието

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ќе има свое обраќање пред пратениците на Собранието, во рамки на 79-тата седница.

По завршувањето на седницата, пратениците ќе продолжат со работа по 80-тата седница, на чиј дневен ред е Информација за погрешните политики на Владата и градот Скопје кои доведоа до енормно загадување во главниот град Скопје, поднесена од пратениците од опозицијата.

На седницата ќе бидат разгледани и Предлог законот за ратификација на Меморандумот за разбирање за соработка во здравството помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Државата Катар, како и Предлог законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Романија за соработка во областа на образование, наука, култура, мас-медиуми, млади и спорт.

Пратениците ќе расправаат и по измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита, на Законот за работните односи, на Законот за персоналниот данок на доход, на Царинскиот закон, сите во второ читање.

На дневен ред во второ читање се и измените на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, измените и дополнувањата на Законот за даночна постапка, како и Предлог законот за финансиска дисциплина.

Меѓу другите точки на оваа седница се и измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи, на Законот за спортот, на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, на Законот за извршување, на Законот за здравственото осигурување, на Законот за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, на Законот за државниот инспекторат за локална самоуправа, на Законот за културата на Законот за употребата на македонскиот јазик, сите во второ читање.