Иванов со убедливо водство во дијаспората

Според првичните резултати кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓорѓе Иванов освоил најмногу гласови на избирачките места во Осмата изборна единица, каде се гласаше ден претходно.

Одзивот на гласачките места бил најмасовен во конзулатот во Торонто, каде од 413 пријавени гласачи, гласале 239. Од нив, кандидатот Ѓорге Иванов освоил 219 гласа, а кандидатот Стево Пендаровски – 15. Во Детроит гласале 169 граѓани од вкупно 285 регистрирани. Соодносот е 150 гласа за Иванов, 14 за Пендаровски, три гласа за Зоран Поповски и еден за Илјаз Халими. Во конзулатот во Њујорк на гласање излегле 137 гласачи, и гласањето поминало без забелешки. Иванов добил 109 гласа, а Пендаровски 18. Во Чикаго, од 209 пријавени гласачи, правото на глас го искористиле 58. Амбасадата во Вашингтон има највисок процент на одзив на пријавените гласачи – од вкупно 40 пријавени, гласале 32.

Во Амбасадата во канадскиот главен град Отава одзивот бил 50 проценти од пријавените 27 гласачи.

Инаку, гласањето на претседателските избори во САД помина без поголеми нарушувања, со исклучок на гласањето во конзулатите во Детроит и Чикаго, од каде морал да биде отстранет Јани Хаџи Еленов, кандидатот за пратеник на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија.

Хаџи Еленов дошол на двете гласачки места, првo во Детроит, а попладнето и во Чикаго, и агитирал пред просториите за гласање делејќи пропаганден материјал за себе и за својата партија. По реакција на гласачите и набљудувачите, тој бил замолен да замине. Во двете гласачки места биле информирани и службите за обезбедување на објектите во кои се сметени гласачките места, а во Детроит и полицијата, поради нарушување на гласањето, откако Хаџи Еленов не сакал да замине. По половина час убедување, Хаџи Еленов ги напуштил гласачките места во Детроит и во Чикаго.

Дополнително, во гласачкото место во Детроит имало забелешка од изборната комисија откако еден од гласачите, на примерокот на гласачкото ливче залепен на влезот во просторијата за гласање, го заокружил кандидатот на Социјал-демократскиот сојуз.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.