Иванов: Сорос стои зад палењето на Народната канцеларија

Видовме дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос, и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервјуто за унгарската национална телевизија, одговарајќи на прашањето која е улогата на Сорос во Македонија.

Иванов додаде дека случаи поврзани со Сорос сега се отвораат и во американските институции. – Ќе ги видиме резултатите какви ќе бидат, и од истрагите и од постапките и од отворањето на таа тема, вели претседателот во телевизиското интервју за унгарската телевизија.

– Во моментов, случајот Македонија се разгледува во Соединетите Американски Држави, од тамошните тинк-тенкови, невладини организации, па дури и од членови на Конгресот. Веројатно, со тоа се отвора прашањето во поширок контекст, не само за Македонија. Сличен бил моделот на работа и соработка и во други земји за кои сега има реакции, вели претседателот во интервјуото.

Запрашан како го коментира фактот што одредени невладини организации директно се обидуваат да се мешаат во политиката, Иванов вели дека Република Македонија е жртва на октроирано цивилно општество кое го октроираат странски цивилни фондации и кои ги креираат активностите на невладините актери, не според интересите и потребите на граѓаните.

– Има многу невладини организации кои навистина ги отвораат прашањата, проблемите и предизвиците со кое се соочува населението. И од нив имаат корист и населението и Владата и сите,  затоа што се совест на општеството, и укажуваат што и како треба да се прави. Но, имаме и невладини организации кои едноставно се во функција на манипулација, притисок и отворање на прашања кои не се од интерес на нашите граѓани.

Затоа, вели Иванов, таа област која е премногу либерална, на некој начин треба да се регулира.

– Да се знае кој дава пари, од каде доаѓаат тие пари, која е целта на тие големи милионски суми кои влегуваат без никој да ги контролира и едноставно да создаваат проблеми кои што не можат толку брзо да се совладаат, вели македонскиот претседател во интервјуто за унгарската телевизија. Иванов додаде дека најголем проблем на Македонија е што странските фондации го етнизираа цивилното општество и го поделија населението по етничка основа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.