Иванов ќе го свика Советот за безбедност

На прашањето што од договорот на Самитот во Брисел досега е спроведено, претседателот Иванов изјави дека досега Македонија добила само 90.000 евра помош од ЦК на Италија за нашиот Центар за кризи.

Италија најави дека сега ќе ни помогне со стотици илјади евра, но онаа најавена помош од ЕУ, уште не сум информиран од надлежните институции дека е добиена. Оправдувањето е дека се работи за бирократски процедури, меѓутоа нам ни е сега неопходна помошта и јавно сите податоци се изнесени дека ангажирањето на армијата и полицијата за обезбедување на премини и насочување кон Кота 59 ја чини нашата држава по еден милион евра месечно, без да се земат предвид сите трошоци кои ги имаат хуманитарните организации, ЦК, НВО-и, бидејќи на тие луѓе им е неопходна и медицинска помош, храна, вода, бидејќи има се поголем број на деца кои патуваат без родители, тоа бара извонредни напори и ангажмани, меѓутоа како што сум информиран, помошта досега се уште не е добиена, рече Иванов.

Запрашан што ќе прави Македонија, по најавите од одредени земји за затворање на границите, македонскиот претседател изјави дека станува збор за контролирано насочување на бегалците кон пунктови, каде треба да бидат регистрирани,  а не за затварање на границата. Иванов додаде дека поради оваа нова појава која и кај нас е присутна, а тоа е бегалците да не одат на оние пунктови каде треба да се регистрираат и организирано да се транспортираат, секоја земја си презема свои мерки.

Во таа функција е и ова извидување што го имаме со армијата деновиве, да ги видиме сите тие порозни места во кои влегуваат во нашата држава мигранти надвор од точката, и армијата заедно со полицијата ќе ни предложат кои мерки да бидат преземени. Управувачкиот комитет ќе одржи седница за овие прашања, состојбата се следи, надлежните институции си ги одржуваат сите свои надлежности според Законот за справување со кризи, бидејќи Македонија е единствена земја што воведе кризна состојба и ние имаме кризно подрачје каде важат посебни активности и посебни мерки кои ги преземаат надлежните институции, појасни македонскиот претседател.

Претседателот Иванов денеска беше во обиколка и увид на извршувањето на редовните задачи на силите на армијата во подрачјето зафатено со кризна состојба. Македонскиот претседател ја посети јужната гранична линија кај Дојран, Гевгелија и прифатниот центар за мигрантите.