Иванов: Сребреница е опомена за сите нас

Сребреница е опомена за сите нас, но и за севкупната човекова цивилизација, на што се се подготвени оние што се полни со омраза и нетрпеливост, изјави претседателот Ѓорге Иванов, кој денеска присуствуваше комеморацијата по повод 20-годишнината од злосторството во Сребреница, Босна и Херцеговина.

Од меморијалниот центар „Поточари“ претседателот Иванов побара на Република Македонија и на земјите од регионот да им се овозможи европска перспектива, со цел мир и стабилност.

– Ова е можност за порака и до сите одговорни во Европската унија што значи кога на еден народ, на една држава, и ја ускратувате нејзината иднина. Неопходно е сите членки на унијата од нашиот регион да бидат солидарни и на сите ние што не сме дел од Европската унија да им ја овозможат европската перспектива, пред се за идните поколенија да живеат во мир и слога. Видовме омразата и нетрпеливоста до што води. Тоа е и пораката до секој од нас – да се праша што правиме ние за да се спречуваат вакви злостортва, кои веќе гледаме дека ги има и во други делови од светот, изјави претседателот Иванов.