Македонија

Иванов се сретна со Ердоган

Иванов се сретна со Ердоган

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска престојува во работна посета на Република Турција. Иванов оствари средба со претседателот на Република Турција,  Реџеп Таип Ердоган во Истснбул.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, од високиот степен на политички дијалог и доверба,  и отсуството на отворени прашања, информираат од кабинетот на претседателот Иванов.

Заеднички беа констатирани традиционално пријателските односи меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка. Брзиот и динамичен раст на турската економија отвора сериозни инвестициски можности во Република Македонија, што е во интерес на двете земји, беше посочено на средбата.

Во разговорите, претседателите размениле мислења и информации за повеќе прашања: актуелните политички состојби, надворешно – политичките цели и приоритети на двете земји и состојбите со мигрантската криза.

Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.

Доколку Алијансата не успее да изгради консензус за преиспитување на заклучоците од Букурешт и покрај пресудата од Хаг, и не  ја поправи грешката и неправдата од Букурешт, тогаш очекуваме да биде креативна и да смисли начин како да ја помести оваа статус – кво состојба, која не е во прилог ниту на Република Македонија, ниту на регионот, ниту на Алијансата, истакна претседателот Иванов.

Двајцата претседатели разменија информации за најновите случувања околу бегалската криза, како најголем предизвик со кој се соочува регионот, Европската унија и Европа во моментов. Македонскиот претседател го информираше претседателот Ердоган за мерките и активностите кои ги спроведува и презема Република Македонија за справување со кризата, како и за потребите од поголема техничка и финансиска помош. Претседателот Иванов посочи дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од илегалната миграција. Во тој контекст, двајцата претседатели истакнаа дека сите држави се засегнати од бегалската криза и мора да ја споделат одговорноста и да ги почитуваат заедничките политики за справување со кризата, истовремено штитејќи ја својата националната безбедност.

Повод за посетата на претседателот Иванов на Истанбул е присуството на погребната церемонија на г. Ибрахим Џевахир, турски бизнисмен и сопственик накомпанијата „Џевахир Холдинг”, голем пријател на Република Македонија и инвеститор во нашата држава.