Иванов: Странските инвестиции отворија 120 илјади нови работни места

Во последните години во Македонија се донесени 2 милијарди странски инвестиции. Тоа создава 120 илјади нови работни места. Тоа се работни места за младите. Странските инвеститори денес се најголемиот промотор на амбиентот што е создаден во Македонија за водење на бизнис, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов пред присутните на вечерашниот митинг во Македонски Брод.

Имаме промени на секој план. Е, тоа е успешна Македонија. Но, за тоа е потребно да се работи како тим. Затоа, ги поддржував сите проекти на Владата, на локалните самоуправи, кои доведуваа до подобрување на животот во Македонија, додаде тој.

Претседателот  говореше и за социјално ранливите групи и инвестициите во образованието, младите и земјоделците. Напомена и дека во тек е изградба на десет станови во Македонски Брод за вакви потреби.

Многу се инвестира и во образованието, во младите. Изградени се спортски сали во средното училиште „Св.Наум Охридски“ како и во основното училиште „Св.Климент Охридски“. Изградено е и пуштено во употреба фудбалско игралиште. Не заборавивме и на земјоделците. Исплатени се 550 милиона евра за субвенции во земјоделието. Тие се поттик за работа на многу земјоделци. Тие се поттик за луѓето да се занимаваат со земјоделие, да не остануваат необработени површини. Може да се види дека и од земјоделието може добро да се живее. Затоа сите овие работи укажуваат дека се менуваат работите на добро во Македонија, истакна Иванов.

На крајот претседателот Иванов нагласи дека така се гради Македонија, дека успехот на секој од нас, е успех за Македонија, затоа што сите сме Македонија.