Иванов утре ќе се изјасни за иницијативата за уште еден мандат

Во текот на утрешниот ден претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ќе го соопшти својот став во однос на доставената иницијатива за негова кандидатура за уште еден претседателски мандат на претстојните избори коишто ќе се одржат на 13-ти април годинава, потврдуваат за МИА од Кабинетот на шефот на државата.

Актуелниот претседател Иванов добива се поголема поддршка со потписи на иницијативата за уште еден мандат, која е веќе доставена до ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат беше Иванов на минатите претседателски избори, потврдија дека во партијата е примена иницијативата за кандидатурата на актуелниот Претседател, потпишана од над педесетина интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници, спортисти, меѓутоа посочија дека лично тој не се изјаснил во однос на неа.

Иницијативата ја потпишале и вицепремиерот Зоран Ставрески, градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Аеродром Ивица Коневски, на Прилеп Марјан Ристески, пратеникот Антонио Милошоски, доктор Весна Јаневска, директорот на УЈП Горан Трајковски, Ашим Зекировски, градоначалниците на Охрид Никола Бакрачески, на Кисела Вода Биљана Беличанец – Алексиќ и на Македонска Каменица дарко Митевски и Владимир Неловски од УМС на ВМРО ДПМНЕ, објави ТВ Канал 5.

На иницијативата досега се потпишале над педесетина интелектуалци и јавни личности. Потписниците од владејачката партија бараат претседателот Иванов да ја добие партиската поддршка на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на којашто ќе биде избран кандидатот за претседател за претстојните претседателски избори.

Вчера на списокот за поддршка се потпишале и докторите Александар Шиколе и Михаил Пенев, музичарот Гарабет Тавитијан, уметниците Зоран Љутков, Игор Стојчевски, Роберт
Вељановски, Рубенс Муратовски, Валентин Светозарев како и Татјана Баевска Вучковиќ, Ленче Неловска, Гордана Петрушевска и други.

ВМРО-ДПМНЕ веќе го објави и списокот на сите делегати на претстојната Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Вкупниот број на делагати на Конвенцијата, во согласност со одлуките на Извршниот и Централниот комитет на партијата, е 1.300.

„Рокот за пријавување кандидати до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е до среда до 20 часот“, рече на прес-конференција Емил Димитриев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Досега до партијата, како што наведе, се пристигнати кандидатурата од професорот Јове Кекеновски, како и иницијативата за кандидирање на актуелниот претседател Ѓорге Иванов, но се уште нема лично произнесување од него.

Според предложениот Деловник за работа на Конвенцијата, појасни Димитриев, ќе се спроведе тајно, демократско и непосредно гласање на делегатите. – За избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг на гласање, ќе се спроведе и втор круг помеѓу двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови во првиот круг од гласањето. ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди еднаква можност и право за презентација на кандидатите и нивните програмски согледувања пред делегатите на Конвенцијата, рече Димитриев.