Македонија,Политика

Иванов: Вашиот глас покажува дека водиме исправна политика

Иванов: Вашиот глас покажува дека водиме исправна политика

На 13 април вие ја  направивте разликата. Вашите гласови се дел од 123 илјади гласови разлика. Вашите гласови се дел речиси од 450 илјади гласа. Вие ја направивте разликата. Благодарам за таквата поддршка, рече кандидатот за претседател на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорге Иванов на денешниот митинг во Свети Николе.

„Се надевам дека на 27 април ќе имаме помасовно излегување и гласање за да имаме двојна победа. Победа на претседателските избори и победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, за листите на пратеници. Вашиот глас покажува дека водиме исправна политика. Дадената доверба од вас не обврзува да продолжиме со истиот интензитет. Да градиме економски успешна и просперитетна европска Македонија“, рече Иванов.

Ivanov3

Иванов истакна дека тој и ВМРО ДПМНЕ она што го ветуваат и го исполнуваат.

„Покажавме дека кога соработуваат институциите во Македонија, можеме да се соочиме со секој предизвик. Покажавме дека ни е неопходно заедништво. Заедно да се бориме сите за секој граѓанин на Република Македонија, за секоја категорија на граѓани на Република Македонија. Затоа сме и денес пред вас. Повторно да бараме доверба. Доверба за да ги оствариме програмите во континуитет, да го оствариме она што е проверено. Да биде Македонија економски силна и развиена држава, Македонија да биде членка на Европската унија и на НАТО, Македонија да биде отворена кон светот, Македонија да биде напредна земјоделска земја, Македонија да биде земја во која младите ќе добиваат квалитетно образование, ќе создаваат свои семејства, и ќе оставаат свое потомство. Македонија да биде земја на солидарноста“, рече Иванов.

Ivanov5

Свети Николе за многу кратко време ќе ја види користа од заедничката  работа на институциите во Република Македонија, истакна Иванов.

„Затоа, како претседател поддржувам политики кои даваат видливи резултати. Поддржувам проекти кои ги вклучуваат сите институции и сите граѓани без разлика на нивната етничка, или религиозна припадност. Кога работиме, работиме за секој граѓанин во Република Македонија. Затоа што сите сме Македонија. Сите ја чиниме Македонија. И затоа мора да се води грижа за секој граѓанин на Република Македонија. Да имаме повисок стандард, да имаме подостоинствен живот за нашите граѓани. Сето она што го имавме досега сведочи за нашите заложби“, рече Иванов.

Тој истакна дека гласот даден за него и ВМРО ДПМНЕ е глас за да продолжат реформите, привлекувањето на нови инвестиции, да продолжи градење на нови фабрики и отворање на нови работни места.