Иванов: Верата се потврдува со дела и преку љубов кон сите луѓе

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Во продолжение интегрален текст од честитката на Иванов:

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, до Вас лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архиjерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Одбележувајќи го денот, на кој според преданијата Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, го славиме крштевањето како една од светите тајни на христијанството.

Чествувајќи го празникот на осветувањето на македонските води ја славиме традицијата на нашите предци која во себе ја содржи тајната која ни упатува дека преку покајание, љубов и добрина ја зацврстуваме верата. Симболиката на чистината на водата и повторното духовно раѓање претставува повторно живеење во верата.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите македонски граѓани кои го прославуваат празникот сакам да им порачам дека верата се потврдува со дела и преку љубов кон сите луѓе.