Иванов го прими вицепремиерот на Турција Акдоган

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов  денеска го прими Јалчин Акдоган, заменик-претседател на Владата на Република Турција.

На средбата, како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот Иванов, двајцата соговорници изразиле задоволство од традиционално пријателските билатерални односи меѓу двете земји и континуираниот политички дијалог на сите нивоа.

Честитајќи го успехот на парламентарните избори во Република Турција, претседателот Иванов изрази уверување дека и со новата влада соработката не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во сите области од взаемен интерес, се вели во соопштението.

На средбата бил поздравен нагорниот тренд што го бележи економската соработка, при што претседателот Иванов потенцирал дека и натаму постојат неискористени потенцијали од двете страни за интензивирање на економската соработка. Во тој контекст беа разгледани можностите за инвестиции во повеќе области, како што се културата, образованието и туризмот, со акцент на развојот на културно – историскиот туризам.

Претседателот Иванов и Акдоган размениле мислења за актуелните случувања во двете земји, како и за состојбите со мигрантската криза во регионот и во Европа. Во однос на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, македонскиот претседател истакнал дека нашата држава високо ја вреднува поддршката од Република Турција во однос на интеграцијата на Република Македонија во НАТО и изразил уверување дека и во иднина Република Турција ќе продолжи да биде силен промотор на македонските евроатлантски аспирации.

Двајцата соговорници изразиле задоволство од досегашната соработка во рамките на Алијансата на цивилизациите и уверување дека традицијата на почит на различностите и натаму ќе се афирмира. Воедно, претседателот Иванов упатил честитки за отворањето на канцелариите на ТРТ и новинската агенција Анадолија во Република Македонија, со надеж дека ќе придонесат кон подобро запознавање на јавноста со тековните настани.

Македонскиот претседател искажал благодарност за поддршката од Владата на Република Турција и Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, преку реализацијата на бројни проекти во Република Македонија.

Претседателот Иванов изразил посебна благодарност за поддршката за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Република Македонија, што се спроведе под покровителство на неговата сопруга, Маја Иванова. Во таа насока, биле разменети мислења околу можностите за проширување на соработката со ТИКА и во наредниот период.