Иванов во Бутел: Граѓаните во демократија научија да прават разлика

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија, Иванов вечерва им се заблагодари на граѓаните на Бутел што на 13-ти април направија разлика, за сиот труд и ентузијазам.

„Но почитувани граѓани 27 април доаѓа. Недела е денот кога ќе ја имаме демократијата на дело. Во недела, вашиот глас одлучува каква Македонија ќе имаме. Вашиот глас одлучува како ќе продолжиме со реформите, со промените, како ќе продолжиме да ја градиме економски, силна, просперитетна европска Македонија. Во недела, граѓаните избираат кој ќе биде на власт. Во недела е денот кога граѓаните ќе кажат кој ќе управува со државата. Кој ќе ја претставува државата. Во недела е денот, кога треба да избереме кој ќе продолжи да ја гради, да ја претставува Македонија. Затоа во мојата програма стои: „дека мора да изградиме доверба меѓу општеството и државата во Македонија“. Доверба меѓу граѓанинот и институциите во Македонија. Доверба, која е клуч за одговорноста. Во недела го имате вашиот глас. Вашиот глас е право да се избере од понудените опции, да изберете кандидати, кандидати кои се одговорни кои работат според програма и даваат отчет. Тоа е новата политика во Македонија. Затоа граѓаните за овие години во демократија научија да прават разлика. Да прават разлика меѓу оние што се натпреваруваат со убави зборови, со празни ветувања, и тие што даваат конкретни програми, и даваат отчет, за повторно да добијат доверба. Доверба од вас“, истакна Иванов

Тој порача дека во недела гласот на народот одлучува кој ќе биде Претседател на Република Македонија, кој ќе биде пратеник во Собранието, кој ќе добие мнозинство да формира Влада во Република Македонија.

„Тоа се најбитните институции во една современа држава. Вие го давате мандатот.Веќе првиот ден после изборите, во понеделник одговорноста ќе ја преземат тие за кои ќе гласаат мнозинството граѓани во Република Македонија. Затоа велам, да бидеш избран од граѓаните не е само чест или привилегија, тоа е и голема одговорност. Пет години како Претседател на Република Македонија, бев со граѓаните и одговорно ја вршев функцијата. Секоја своја одлука, секој мој искажан збор, секој мој изнесен став – и дома и надвор, беше затоа што од вас го имам вашиот глас. Да бидам ваш глас. Да го претставувам тоа што вие го сакате и го посакувате за Република Македонија“, рече Иванов.

Довербата меѓу граѓаните и институциите се гради секојдневно, посочи тој додавајќи дека довербата се гради со секое дело, се гради со сето она што останува зад нас.

„Затоа велиме дека нашите дела се погласни од нашите зборови.Тоа што го правиме, и тоа што ќе го оставиме за сите идни поколенија да живеат во европска Македонија. Да живеат во држава во која се мисли за секого.Во Македонија се мисли и за земјоделците, и затоа се делат субвенции. Се мисли и на пензионерите и затоа се зголемуваат пензиите.Се мисли и за студентите и затоа се делат стипендии. Во Македонија се мисли на учениците, затоа имаат бесплатни учебници. Секоја категорија на граѓани во Македонија имаат свое место во програмите на Владата и мојата програма. Затоа ја добиваме вашата доверба. Затоа што сме искрени кон вас. Го кажуваме само она што можеме да го исполниме. Покажавме дека Македонија може да успее. Но и секој може да успее во Македонија. За тоа сведочат странските инвестиции, за тоа сведочат домашните инвеститори, за тоа сведочат успесите што ги постигнува секој во Македонија“, истакна Иванов.

Тој им порача на граѓаните од Бутел: „На 27 април имаме навистина исклучителни избори. Имаме избори кога од вашиот глас зависи, каква Македонија ќе градиме. Од вашиот глас зависи дали ќе продолжиме со реформите, дали ќе продолжиме со економскиот успех на Македонија, дали ќе продолжиме со успех на секој поединец во оваа држава. Затоа овие избори се важни избори. Ве повикувам да излезете масовно да гласате на 27 април. Затоа што секој ваш глас, за мене, за ВМРО-ДПМНЕ , за Коалицијата за подобра Македонија е глас са вас, за вашите семејства, за вашите општини, глас за Македонија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.