Македонија,Политика

Иванов во Кичево: Не сме мали за големи успеси!

Иванов во Кичево: Не сме мали за големи успеси!

Mора да продолжиме да ја градиме Македонија, да го градиме Кичево, како што стеблото се крепи на коренот, така и нашата иднина, иднината на Македонија се крепи на нашите темели. Кичево е вградено во темелите на Македонија.

Oва на вечерашниот митинг претседателот Ѓорѓе Иванов им го порача на кичевчани. Како претседател, рече, ќе го бранам државното единство на Република Македонија.

Тој додаде оти е претседател на сите граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Тоа го правев, подвлече, и ќе продолжам да го правам ако ја добијам повторно вашата доверба.

– Покажавме дека Македонија е зрела држава, дека носиме сопствени одлуки што ги бараат граѓаните на Република Македонија. Не сме мали за големи успеси! Успеси, кои ги постигнуваме на секое поле, и во дипломатијата, и во економијата, и во земјоделството и во инфраструктурата, и во спортот, и во културата, рече Иванов.

Успешно ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваме и надворешните и внатрешните, посочи и истакна дека најголемот надворешен предизвик со кој се соочуваме како држава е блокадата од нашиот јужен сосед кој од нас бара да се откажеме од сопствениот идентитет.

– Не дозволивме блокадите да не поколебаат на нашиот европски пат. Ја градиме Европа во Македонија и ја интегрираме Македонија во ЕУ, нагласи Иванов.

Тој истакна дека со успех се гради иднина за Македонија.

– Тоа не дојде само од себе. Требаше многу работи да се преземат. Да се донесат многу закони, многу реформи, да се создаде амбиент економијата во Македонија расте. Кога расте економијата, се расте во државата. Расте производството, расте извозот. Растат пензиите, расте и социјалната помош, растат и стипендиите. Сè расте во државата, но само едно нешто опаѓа – опаѓа невработеноста. Од 2006 година кога дојде оваа млада гарнитура на власт во Македонија, предводена од Груевски, отворени се 120.000 нови работни места, рече претседателскиот кандидат на ВМРО – ДПМНЕ и додаде оти тоа е резултат на тимска работа.

– Кога се исти целите и на претседателот и премиерот и министрите и градоначалниците. Тогаш Македонија напредува, рече Иванов.

Со чист образ, истакна Иванов, вечерва дојдов овде со сосема нова програма, бидејќи ние и во услови на криза имавме успеси. Направиме реформи, создадовме амбиент за да донесеме странски инвестиции, потенцира тој и посочи дека се постигнати успеси во секое поле.

Иванов најави дека до крајот на годината во Кичево ќе дојде нов инвеститор од автомобилската индустрија односно американска компанија која ќе вработи илјада луѓе. Покрај делницата на автопатот Кичево-Охрид, рече, се предвидува и реконструкција на патот Кичево-Дебар, а потоа и продолжување на железничката пруга до Албанија.