Иванов во Лозово: Ќе продолжат инвестициите во земјоделството и инфраструктурата!

На денешниот митинг во земјоделскиот крај на Македонија, во Лозово, претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов, откако во пофали виното и грозјете на жителите на овој крај, истакна дека за подобрување на нивната економска состојба тие ќе продолжат да инвестираат и  во земјоделството и инфраструктурата.

„И јас самиот доаѓам од земјоделски крај, од Валандово. Сме живееле од напорен труд, од земјата. Откако станав Претседател, цел мандат се среќавав и со претседатели, премиери, државници, но ја користев секоја прилика да се сретнам со моите сограѓани. Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Кабинетот беше отворен за многу луѓе. Ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности. Знам колку сте посветени на земјата. Кога и да посетам земјоделски краишта, секогаш наоѓам трудољубиви и чесни луѓе. Луѓе-работници кои со свои раце го печалат својот леб“, истакна Иванов пред граѓаните.

Тој пред граѓаните на Лозово потенцираше дека Македонија е земјоделска земја.

„Нашиот народ со векови ја обработувал земјата која му давала плод. Владата вистински го вреднува трудот на земјоделците. Од 2006 година до сега се исплатени 550 милиони евра субвенции на земјоделците. Годинава веќе се исплатени околу 70 милиони евра субвенции на лозарите, сточарите, овоштарите и други, а до крајот на годината ќе се исплатат уште 140 милиони евра. Со инвестирање во земјоделството, Македонија може да се прехрани и себе, и другите. Вашите земјоделски и сточарски производи, житните култури, грозјето треба лесно и брзо да ги пласирате на пазарите низ Македонија. За тоа се инвестира во инфраструктурата. Се градат, обновуваат и прошируваат патиштата, како што е патот од Велес преку Лозово до Кадрифаково“, додаде Иванов.

Меѓудругото, Иванов потенцираше дека Лозово  пример за меѓуетнички и меѓурелигиски соживот. „Македонци, Власи, Турци, Срби, Христијани, Муслимани и сите живеете од обработување на земјата“, истакна  кандидатот за претседател на Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”.