Иванов во Македонски Брод: Никогаш не сме дале лажни ветувања!

Секогаш кога доаѓам во вашиот крај, повторно и повторно ми се потврдува чувството- колку е прекрасна нашата Македонија.

Со овие зборови претседателот Ѓорѓе Иванов ги поздрави присутните на Централниот митинг кој беше одржан вечерва во Македонски Брод.

-Имате недопрена и чиста природа, преубави шуми, пасишта, бистри водотеци. Овие потенцијали кои ги имате треба да се поттикнат, општината да ја направиме поубаво место за живеење, да ги задржиме младите, да им отвориме перспектива, да го зголемиме наталитетот…Од земјата, сточарството, шумарството, туризмот, рибарството – може да се живее, додаде Иванов, притоа потсетувајќи дека Владата не случајно толку многу инвестирала во земјоделието.

Но, ништо само по себе не доаѓа.

Иванов потенцираше дека е потребна работа и соработка меѓу централната и локалната власт. Тој додаде дека се потребни чесни вредни и одговорни луѓе, луѓе со програма за развој и луѓе кои даваат отчет за сработеното.

Исто така потсети дека бил во Македонски Брод минатиот месец да даде отчет за сработеното во изминативе пет години.

Бев и пред месец дена да дадам отчет за се што сработив. Затоа што пред пет години, кога ја добив Вашата доверба, ја добив за програмата. И затоа во отчетот кажав дека се што беше во програмата се е остварено и повеќе од тоа. Сега сум повторно тука пред Вас, истиот оној што беше и пред пет години. Со чист образ, затоа што не ме промени политиката, останав истиот. Со нова програма,  за нова доверба од Вас. Програма која има реални обврски да ја развиваме Македонија, да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните на Македонија. Ние никогаш не сме кажале празни зборови, лажни ветувања. Се што сме кажале, се сме оствариле и резултатите се гледаат, истакна Иванов и потенцираше дека благодетите на природата треба паметно да бидат користени, за подобар живот на сите што живеат во Македонија и за да има што да се остави на идните поколенија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.