Иванов во Москва ја прими наградата „Алексеј Втори“ од рускиот патријарх Кирил

Престижната меѓународна награда која му се доделува на претседателот Иванов, јави известувачот на МИА, претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција.

Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството. Фондацијата е формирана во 1995 година со благослов на патријархот Московски и на цела Русија Алексеј Втори.

– Ова престижно признание го примам како Претседател на Република Македонија, но и како православен христијанин кој е роден и израснат во возобновената Светиклиментова црква – Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во таа жива Црква, која се возобнови пред 50 години, е граден и изграден и нашиот светоглед, истакна претседателот Ѓорге Иванов на церемонијата по повод доделувањето на признанието, на која присуствуваа голем број црковни великодостојници.

Се заблагодари на Меѓународниот фонд за единство на православните христијански нации за  признанието, притоа истакнувајќи дека му е особено значајно бидејќи се доделува за 2016 година, кога одбележавме 11 века од упокојувањето на големиот словенски просветител Св. Климент Охридски без кого, како што рече, денес ќе живеевме во поинаква, духовно, културно и цивилизациски посиромашна Европа.

– И денес има голема преселба на народите кои со себе ја носат сета своја етничка, јазична, религиска и културна различност. И денес се ограничува слободата на мисла, совест и вера. И денес на сцена се циниците, епикурејците и стоиците. Во ерата на постмодернизмот има сè повеќе практики и политики кои се косат со етичките начела на речиси сите светски религии. И денес, како и тогаш, поредокот се трансформира. Неподготвени да се соочат со новите сложени предизвици на 21 век, меѓународните институции како да останаа заглавени во 20 век. Глобализацијата економски успеа да го обедини светот, но политички го разедини и придонесе кон создавање конфликти и војни. Двојните стандарди станаа дел од проблемот. Прогонствата, преселбите и конфликтите станаа наше секојдневие, рече Иванов.

Имајќи ги предвид сите овие предизвици, посочи дека како Претседател на Република Македонија се води од три принципи. Првиот принцип, рече, е почитување наместо толерирање.

– Наспроти западниот концепт на толеранција на различноста, насекаде го промовирам македонскиот модел на почитување на различноста, бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака, истакна Иванов.

Вториот принцип според него е  градење единство, но не по цена на различноста. – Лекот против религиозното насилство не може да се бара во помалку религија, туку во повеќе меѓурелигиски дијалог. Но, тој дијалог меѓу религиите завршува онаму каде што започнуваат нивните суштински разлики. Неопходно е со почит да се прифаќаат разликите, за да не се доведеме во ситуација, бегајќи од радикалниот екстремизам, да се вплеткаме во мрежата на религискиот синкретизам што се обидува да ги поништи суштинските разлики меѓу религиите, истакна Иванов.

Третиот принцип, како што рече, е отворање, наместо затворање на просторот. – Денес, Балканот, Кафказот и Блискиот Исток се кошмар за секој политичар и аналитичар. Но, парадоксот е што токму во овие региони имало најдолги периоди на мир – тогаш кога биле дел од отворен простор. А таму каде што има отворен простор, има и луѓе со отворен ум кои комуницираат и се интегрираат, без притоа да се асимилираат, рече Иванов.

На крајот од обраќањето пред присутните тој изрази уверување дека овие три принципи – почитување, дијалогот и отвореноста можат да помогнат во градењето на новиот свет.

Носители на наградата за 2016 година, покрај претседателот Иванов, се и поглаварот на Коптската црква, pатријархот Тавардос Втори и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, кои присуствуваа на свеченоста.

Во храмот на Христос Спасителот од македонска страна присуствуваа и епископот Климент Хераклејски од Преспанско-Пелагониската епархија и деканот на Православниот факултет Ѓоко Ѓоргевски.

Традиционалното доделување на наградите заврши со концерт на познати руски хорови и солисти кои на македонски јазик ги изведоа песните „Дафино вино црвено“ и „Билјана платно белеше“.

Настанот, на кој на видео бим беше презентирана и биографијата на претседателот Иванов, директно го пренесуваа повеќе руски телевизии.

Меѓу досегашните носители на наградата на Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи се шестиот Генерален секретар на Обединетите Нации, Бутрос Бутрос Гали, српскиот претседател Томислав Николиќ, црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, бугарскиот патријарх Неофит, рускиот претседател Владимир Путин, палестинскиот претседател Махмуд Абас, рускиот премиер Дмитри Медведев, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, претседателот на руската Државна дума Сергеј Наришкин, бугарскиот претседател Георги Прванов, грчкиот претседател Константинос Стефанопулос, претседателите на Република Кипар, Спирос Киприану и Тасос Пападопулос, претседателот на Естонија, Арнолд Ријтел, претседателот на Молдавија, Владмир Воронин, претседателот на Ерменија, Роберт Кочарјан,  тенисерот Новак Ѓоковиќ, режисерот Емир Кустурица.

Иванов претходно оствари средби со патријархот на Руската православна црква, Кирил и со епископ Тихон, викар на патријархот московски и на цела Русија. Македонскиот претседател ќе присуствува и на Божествената литургија во храмот „Христос Спасител“ во Москва.

На средбата рускиот патријарх Кирил ги поздрави напорите на македонскиот народ за зачувување на православната вера посочувајќи дека претседателот Иванов е особено заслужен за тоа, притоа изразувајќи поддршка и солидарност. Патријархот Кирил истакна дека Македонија е мала земја, но се соочува со големи предизвици, меѓу кои и мигрантската криза која дополнително ја отежнува ситуацијата.

Руската православна црква, како што истакна патријархот Кирил, прави напори да започне дијалогот помеѓу МПЦ и СПЦ. На средбата беше поздравена и соработката на богословските факултети во Скопје и Санкт Петерсбург.

Утре претседателот Иванов ќе има средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.