Македонија,Политика

Иванов во Пехчево: Граѓаните веруваат на спроведени реформи, не на празни зборови

Иванов во Пехчево: Граѓаните веруваат на спроведени реформи, не на празни зборови

„Во неделата, граѓаните покажаа дека поддржуваат јасен концепт, јасни програми, а не празни зборови и конфузија. Гласовите што ни ги дадовте се доказ дека сме на вистинскиот пат, дека водиме исправни политики.
Граѓаните веруваат на спроведени реформи, а не во празни зборови и излитени фрази. Веруваат во она што гледаат дека е сработено: веруваат во новите фабрики, веруваат во новите работни места. Веруваат во автопатиштата кои се градат низ Македонија. Така се сака Македонија. Македонија се сака со дела, кога се градат нови училишта и нови факултети. Кога се градат спортски терени, но и болници,“ изјави Иванов и додаде дека помина времето кога политичарите се натпреваруваа само со зборови. Денес граѓаните успешноста ја мерат по бројот на отворени работни места.

„Овој тим, кој е предводен од премиерот Груевски, постави нови стандарди во политиката, за иднината на Македонија. Нема повеќе доверба за политичари кои немаат реална програма, кои не работат макотрпно, чесно, одговорно и кои не поднесуваат отчет.Ќе не паметат по тоа колку нови работни места сме отвориле во Македонија. Колку семејства се згрижени, колку земјоделци добиле субвенции, колку студенти добиле стипендии. По тоа ќе не паметат. Ќе не паметат по тоа што сме сработиле,“ изјави тој.

Според него, секое ново работно место значи уште едно посреќно семејство. Со секоја зголемена плата, се носи среќа во домот. Со секоја повисока пензија, имаме спокој за нашите пензионери.Со секое ново работно место, овозможуваме младите да живеат и да работат во Македонија, да создаваат семејства и да оставаат потомство.

„И за мене и за премиерот Груевски и неговиот тим, нема ден за одмор, нема ден да запреме со нашата активност. За овие пет години видовте како се работи тимски и како институциите соработуваат, а не се конфронтираат. Институциите мора да продолжат да работат заедно. Да работат за доброто на цела Македонија. И за младите и за старите, и на невработените и вработените, и за земјоделците и за пензионерите, и за учениците и за студентите.
Мора да постои разлика. Секој да почувствува дека во Македонија се подобрува животот. Се подобрува стандардот. Затоа ја давате вашата доверба. Затоа правите разлика. За овие години граѓаните знаат многу добро кој што направил за нив. Граѓаните бараат чесни луѓе во политиката. Бараат трудољубиви луѓе во политиката. Бараат искрени луѓе во политиката,“ изјави Иванов.

За 10 дена очекува граѓаните да ја потврдат оваа програма.

„За 10 дена очекувам масовно да излезете и да го направите истото што беше и во првиот изборен круг. Да имаме двојна победа за 10 дена. Да имаме двојна победа за Република Македонија. Да ја поддржите Македонија како економски силна и развиена држава. Таква Македонија да ја интегрираме и во Европската унија и во НАТО.
Македонија која има добри односи со своите соседи, да бидеме отворени кон светот. Да биде отворена за нови пазари на македонските производи. Да ја градиме Македонија како земја во која младите можат да добијат квалитетно образование за да можат сами да ја градат својата иднина. Да ја градиме Македонија како солидарна земја. Македонија како дом во која ќе има благостостојба за сите,“ потенцираше Иванов.