Иванов во Радовиш: Остануваат стратешките цели НАТО и ЕУ

„Сега сум тука со нова програма, за нова Ваша доверба, за нов мандат. И во таа програма остануваат стратешките цели на Македонија – да бидеме членка на НАТО, членка на Европската унија.Знаете дека сме блокирани на тој пат. Но не потклекнуваме. Успешно работиме за да ги исполниме обврските што ни стојат и затоа добивме пет позитивни извештаи и пет препораки за почеток за преговори во Европската унија.Во НАТО учествувавме во сите мировни мисии, каде што бевме поканети. И покажавме дека по сите стандарди, нашите војници се еднакви со сите наши НАТО војници. И за тоа добиваат ордени и признанија од нашите сојузници, нашите стратешки партнери,“ изјави претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов на митингот во Радовиш.

Тој потсети дека за време на неговиот мандат имал богата меѓународна активност за овие пет години. Повеќе од 450 средби со странски државници, со министри, преку учество на меѓународни настани.

„Имав повеќе од 100 официјални и работни посети на други држави. Во Македонија дојдоа повеќе од 40 претседатели на други држави. Тоа се пријателите на Македонија. Тоа се тие што и помагаат на Македонија.Затоа, се повеќе се слуша гласот за Македонија. Се повеќе се бара Македонија да го добие тоа што и припаѓа, без условувања, без блокирања. Не чекаат големи предизвици. Но мора да се работи,“ изјави Иванов кој во оваа прилика потсети дека направено е многу и тоа се чувствува секаде. Се што беше инвестирано во економијата ги даде резултатите.

„Но се инвестираше и во спортот. Затоа гледаме како успеваат нашите спортисти и им се радуваме, горди сме на нивните успеси. Ги гледаме нашите пејачи како успеваат и не охрабруваат и не прават горди. Ги гледаме нашите актери по светските сцени како ја промовираат Македонија. Гледаме како и нашите научници успеваат, но гледате како и нашите производи се присутни во другите земји. Секаде се чувствува новиот лик на Македонија. Македонија успева. Продолжуваме по истиот пат,“ истакна Иванов пред радовишани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.