Иванов во Радовиш:Требаше многу да се направи за ова да го имаме

„Останува многу да се сработи. Многу треба да се работи. Но, за овие пет години покажавме кога се работи тимски, кога се работи заедно. Кога имаат ист глас и претседателот и премиерот, и министрите и пратениците, и градоначалниците, Македонија напредува. Видете ја само источна Македонија од 2006 година до денес, кога дојде една млада гарнитура во Македонија на чело со Груевски. Ги поддржувам затоа што си ја сакаат Македонија. Затоа што се посветени на Македонија,“ изјави претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов во Радовиш и додаде:

„Се сеќавам пред пет години кога беа поплавите тука кога беше мачно да се гледа овој крај – срушени мостови, напуштени полиња, патиштата запоставени. Сега веќе почнува  изградба на автопат во источна Македонија. Сите регионални патишта се поправени. Селските патишта се прават. Секаде се прават училишта, се гради. Требаше многу многу да се направи за ова да го имаме. Многу реформи требаше да се направат, многу закони требаше да се донесат. Да се создаде амбиент економијата во Македонија да расте. А кога расте економијата, се расте во државата. Растат и платите, растат пензиите, растат и субвенциите, растат и стипендиите. Се расте во државата. Е тоа е резултат на успешна политика кога се работи тимски, кога се работи со посветеност за Македонија,“ потенцираше Иванов.