Иванов во Словенија на „Самит 100 – Бизнис лидери во Југоисточна Европа“

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов од денеска престојува во работна посета на Република Словенија.

Претседателот во рамките на Брдо Бриони процесот, ќе учествува на „Самит 100 – Бизнис лидери во Југоисточна Европа“, кој ќе се одржи во Порторож.

Иванов ќе има обраќање на панелот на лидерите на тема „Нов договор за нова ера“, а ќе учествува и на состанокот на лидерите од Брдо Бриони Процесот со членовите на Бордот на директори на „Самит 100“.

Главната тема на дискусија на годинешниот самит е улогата на главните градови во регионот со цел инклузивен и одржлив развој, а во соработка со државните институции, бизнис заедниците и Европската комисија.

На „Самитот 100“ предвидено е учество на претседателот на Република  Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ,  на претседателот на Република Косово, Атифете Јахјага, на претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина  Младен Иваниќ и на српскиот министер за економија Жељко Сертиќ.

Во рамки на посетата, предвидени се и билатерални средби на македонскиот претседател.

„Самитот 100“ се одржува по четврти пат и на него учествуваат бизнис лидери и истакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа. Досега овој самит беше одржан во Република Србија во 2011 година, во Црна Гора во 2013 година и во Република Хрватска во 2014 година, а покровител на четвртиот самит во Порторож е претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.