Иванов: Во услови на криза, Македонија создаде поволна бизнис клима

Македонската економија е отворена за странските инвеститори. Со напорни реформи, во услови на глобална економска криза, успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции, истакна претседателот Ѓорге Иванов на форумот „Кран Монтана“, што се одржува во Дакла, Кралство Мароко, пренесува МИА.

Обраќајќи се на официјалната сесија на отворањето на форумот на тема „Неопходност од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување сигурни индустриски и финансиски партнери“, претседателот Иванов, јави известувачот на МИА, посочи и на глобалните извештаи за Македонија.

– Според извештајот на Светската банка „Doing Business“, неколку години по ред Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа и трет најдобар реформатор во светот. Македонската економија во 2014 година имаше втор најдобар резултат во Европа со раст од околу 4 отсто. Македонија беше на трето место во Европа во 2013 година и во 2011 и 2010 година. Падот на економијата во кризниот период од 2009 до 2012 година беше најмал од сите земји во Југоисточна Европа. Сето тоа се должи на нашата отвореност и непосредност, истакна Иванов.

Зборувајќи за отвореноста пред највисоки државни претставници од светот, рече дека Република Македонија, покрај во економијата, е отворена и во политиката. – Денес водиме надворешна политика на отвореност кон сите кои со нас сакаат да соработуваат. Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави, нагласи претседателот Иванов.

Според него, непосредниот контакт е незаменлив и затоа на форумот, како што рече, присуствуваат и истакнати бизнисмени од Македонија кои ќе ги разгледуваат можностите за соработка со бизнис-заедниците од Мароко.

– Но, отвореноста е невозможна без доверба. Една од главните теми на годинашниот форум е и унапредување на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа. Сметам дека ова е дел од една уште поголема приказна – дијалогот меѓу религиите, културите и цивилизациите. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста. Ако не го поддржиме дијалогот, полека, но, сигурно се движиме кон судир меѓу религиите и цивилизациите. Токму затоа, силно ја поддржуваме работата на Алијансата на цивилизациите и сите форуми, како „Кран Монтана“, кои со својата работа придонесуваат кон градењето доверба и дијалог, рече Иванов.

Тој смета дека непочитувањето на меѓународното право, на пресудите на Меѓународниот суд на правдата внесуваат неизвесност и несигурност во меѓународните односи. Затоа, рече, во 2003 година го инициравме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите како предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Спомена и обновување на дијалогот во соработка со УНЕСКО и со Европската унија, како и организирање на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Шефот на македонската држава посочи дека денес, повеќе од кога било досега, сме исправени пред опасноста светот да влезе во нов вртлог на насилство, и тоа, како што рече, најлошото од сите – насилство во името на Бог, во името на религијата. – На сите нам ни е јасно дека ништо не сме заборавиле од минатото, но исто така, дека и речиси ништо не сме научиле од минатото. Повторно ги гледаме сенките на предрасудите, нетрпеливоста, ксенофобијата и другите предвесници на конфликтите. Сомнежите и стравот се резултат на отсуство на дијалог, рече Иванов.

Тој цврсто верува дека само преку дијалог и искрено запознавање, едни со други, можеме да дојдеме до траен мир. – А, мирот меѓу религиите и цивилизациите ќе значи мир во светот. Свесни сме дека можеби трајниот мир меѓу религиите и цивилизациите е само добар сон. Но, не смееме да заборавиме дека кошмарите стануваат моќни во свет без добри соништа. Наша одговорност е, со сè што правиме, да им помогнеме на идните поколенија во Европа, Африка, Азија да го остварат тој благороден сон, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето.

На Форумот присуствува и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески.

Во бизнис делегацијата од Македонија се и претставници на десетина компании, членови на Стопанската комора на Македонија, на Сојузот на стопански комори и на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Предвидено е, на иницијатива на претседателот Иванов да се одржи презентација на инвестициските можнности што ги нуди Република Македонија, како и средба на претставници на македонските стопански комори со претставници на марокански стопански комори.

Во рамки на работната посета на Кралството Мароко и учеството на форумот Кран Монтана, сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова ќе се обрати на специјална сесија на Форумот на африкански жени, чиј фокус годинава е имплементирање на родова еднаквост, жените во јавниот живот и во приватниот сектор и подобрување на образовниот систем за девојките.

На Форумот учествуваат претседатели на држави и влади, министри, претставници на меѓународни и регионални организации, членови на национални и меѓународни парламенти, претставници на банкарски и финансиски институции, како и на работодавачи, професионални организации и цивилното општество.

Форумот Кран Монтана е основан со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на форуумот се насочени кон создавање платформи кои ќе им овозможт на политичките и бизнис лидерите да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерставата и да развиваат нови можности за сорабботка. Форумот тесно соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на ОН, ЕУ, Советот на Европа…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.