Иванов: Во ваков чувствителен момент Заев треба да се однесува одговорно

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија излезе со писмено соопштение во врска со изнесувањето информации од страна на претседателот на политичката партија СДСМ, Зоран Заев од одржаната седница на Советот за безбедност.

Од Кабинетот на претседателот Иванов информираат дека Зоран Заев, како претседател на политичката партија СДСМ бил повикан од страна на претседателот на Република Македонија,  Ѓорге Иванов да присуствува на седницата на Советот за безбедност, со цел да биде информиран за деталите и преземените дејствија во акцијата во Куманово, како и за безбедносната состојба на државата.

„ За г. Зоран Заев е покренато обвинение за случајот „Пуч“. Македонскиот претседател, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност, а водејќи се од државните интереси одлучи да го повика г. Заев да присуствува на седницата на Советот за безбедност. Господинот Зоран Заев, согласно деловникот за работа на Советот за безбедност, потпиша изјава која го обврза да не изнесува какви било информации од одржаната седница. Сметаме дека во вакви исклучително чувствителни моменти неопходно е одговорно однесување од сите“, стои во соопштението.