Иванов во Виена на Конгрес на Паневрпската унија

Претседателот Ѓорѓе Иванов од денеска до 10-ти октовмри ќе престојува во работна посета на Австрија каде ќе учествува на конгресот на Паневропската унија.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, во рамки на учеството на конгресот на Паневропската унија, претседателот Иванов ќе има свое обраќање на панелот посветен на проширувањето на Европската Унија. Конгресот во организација на Меѓународната Паневропска унија, е по повод 90-годишниот јубилеј од првиот Паневропски конгрес одржан во 1926 година.

Меѓународната Паневропска унија се смета за најстаро европско обединувачко движење, основано од страна на Ричард Куденхове Калерги, а нејзините членови се залагаат за политички и економски обединета Европа.

– Во турбулентен период кога Македонија беше меѓународно оспорувана, блокирана и потиснувана, меѓународната Паневропска унија стана наш неуморен застапник во Европа. Вториот претседател на Паневропската унија, д-р Ото фон Хабсбург рече дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа“. Благодарение на неговите ангажмани Република Македонија стана полноправна членка на Паневропската унија. Во 2010 година, претседателот Иванов го одликуваше Ото фон Хабсбург со Орден за заслуги за Македонија за неговите заложби за евроинтеграција на нашата земја, стои во соопштението.

Иванов традиционално учествува на конгресите на Паневропската унија. На конгресот во 2011 година во Линдау, истакна дека Македонија и македонските граѓани, имаат цврста волја, преку членството во Европската унија, да придонесат кон градењето, чувањето и унапредувањето на нашиот заеднички духовен и културен дом Европа. На конгресот во 2012 година во Виена, подвлече дека единствената граница која сè уште ја дели Европа, поминува точно низ Балканот и дека ние во регионот се надеваме дека оваа граница наскоро ќе исчезне. Актуелниот потпретседател на Паневропската унија, Карл фон Хабсбург е член на Советот за меѓународни односи на претседателот Иванов.

За својот придонес и активна улога во рамки на Паневропската унија,  Иванов во 2013 година беше одликуван со благодарница од страна на претседателот на Меѓународната Паневропска унија Ален Тереноар.

Паневропската унија преку својата парламентарна група во Европскиот парламент, која брои над 120 пратеници од речиси сите земји-членки на ЕУ, доследно се залага за промоција на политиката на проширување и исполнување на европските интеграции на Република Македонија.

Во рамки на работната посета на Република Австрија, претседателот Иванов ќе оствари средба со поранешниот претседател на Република Австрија Ханјц Фишер.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.