Иванов во Виница: Имаме одговорност да се бориме за потребите на граѓаните

Вашите гласови покажаа дека дадовме одговор на неколку прашања. Дека со негативна кампања во Македонија веќе не се освојува довербата на граѓаните. Дека граѓаните сакаат дела. Граѓаните бараат исполнување на преземените обврски. Граѓаните со својот глас кажаа каква Македонија сакаат. Граѓаните го трасираат патот за иднината на Македонија.

Ова го истакна кандидатот за претседател на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов на митингот во Виница, заблагодарувајќи им се на граѓаните за огромната поддршка во првиот круг од претседателските избори.

-Но исто така, вашите гласови покажаа дека ја прифаќате нашата политика. Политиките што ги водам јас и политиката што ја води Владата на Република Македонија. Покажавте дека го почитувате постигнатото единство на сите институции во државата. Покажавте дека почитувате кога институциите соработуваат и придонесуваат за подобрување на животот во Македонија. Затоа спроведовме толку многу закони, затоа и се спроведоа толку многу реформи. Да се создаде поволен амбиент за странски инвестиции. Во Македонија економијата расте. Покажавте како треба да продолжиме. Ни покажавте по кој пат треба да одиме. Ја поддржавте и мојата програма и програмата која ја понуди ВМРО-ДПМНЕ.

Покажавте, рече Иванов, дека сакате европска и евроатлантска Македонија. Македонија која е отворена кон сите свои соседите и кон сите земји во светот.

-Покажавте дека сакате Македонија која треба да биде економски силна и развиена држава. Држава во која се градат фабрики, во која се градат автопатишта. Држава во која се отвораат нови работни места. Иако како Претседател на државата немам директни ингеренции во доменот на креирањето на економските политики, во моите секојдневни обврски економијата ја ставам на исто ниво, како безбедноста и надворешната политика на Република Македонија. Како Претседател на државата, на планот на економијата, мојот ангажман е да ги афирмирам и промовирам економските политики на нашата држава насекаде низ светот. Бидејќи кога расте економијата, расте се во државата. Тогаш има пари и за плати, и за пензии, и за субвенции, и за стипендии. Затоа мора да продолжиме, економијата во Македонија уште повеќе да расте. Ја поддржавте политиката земјоделците да имаат партнер во државата. А државата да им помага со субвенции и кога се сее, и кога се жнее. Но да помага и кога се отвораат нови пазари за македонските производи.

Со вашите гласови, рече Иванов пред граѓаните на Виница, покажавте дека Македонија ја градиме како земја на солидарност, во која се грижиме за сиромашните, за старите, за болните, лицата со посебни потреби.

-Покажавме дека и во Македонија пензионерите можат да имаат достоинствена старост со редовни и повисоки пензии. Покажавте дека ја поддржувате Македонија во кои родителите ги носат своите деца на училиште, убедени дека нивните деца ќе имаат квалитетно образование. Ја поддржавте Македонија која промовира иновации и нови технологии во која младите можат да ги остваруваат своите стремежи. Затоа ја градиме Македонија како држава во која секој може да успее. Понудените програми се програми на вашите потреби, на вашите барања. Сите ваши потреби и барања се во нашите програми. И затоа се реални и остварливи.

Кандидатот за претседател Иванов додаде дека пред граѓаните е даден отчет за се што е реализирано.

-Сите вие знаете дека ништо не се случува преку ноќ. Но, вие граѓаните ја чуствувате разликата. Затоа ни е потребен уште еден мандат, да направиме уште поголема разлика. Потребна ни е вашата доверба, да ги исполниме сите ваши очекувања. Вашите гласови исто така се исполнување на заветот на нашите предци, кои се бореа за нашето право на глас, правото слободно да одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашите деца. Со вашиот глас, вие ни давате доверба но и одговорност да се бориме за вашите потреби. Да создаваме услови за подобар живот насекаде низ Македонија. Затоа ве повикувам на 27 април уште помасовно да излезете и да го дадете вашиот глас. Вашиот глас за вашите најблиски, за вашите семејства, за вашата општина за Република Македонија.