Иванов: Воената наука во Мaкедонија е втемелена врз слободата

Во завет ни е оставена не само слободна и независна Република Македонија, туку и сето акумулирано знаење за тоа како се брани слободата, бидејќи не се стекнува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Тоа е повик за секоја нова генерација питомци и студенти на Воената академија, порача претседателот Ѓорге Иванов на свечената академија по повод јубилејот 20 години Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“, пренесе МИА.

Како врховен командант на вооружените сили, нагласи, знам дека знаењето и вештините за воената наука во Македонија биле учени и пренесувани низ многу генерации и не се стекнати само преку исправни и испробани воени методи, техники и стратегии, туку се втемелени врз најблагородниот од сите мотиви, а тоа е слободата.

– Во многу нешта, вие сте привилегирана генерација. Знаењето за воените вештини не го стекнувате под јаремот на ропството, ниту во рововите на борбените фронтови. Не носите туѓи униформи и не ве засенуваат нечии туѓи знамиња. Вие одбравте една од најблагородните професии, а тоа е да се грижите за одбраната на слободната татковина. Но, немојте никогаш да заборавате дека сето знаење кое денес го учите на Воената академија е стекнато и преку тешкото искуство на нашите предци. Секој принцип вграден во воените стратегии и тактики е резултат на реални ситуации со кои се соочувале стратезите, офицерите, подофицерите и војниците на бојните полиња во Македонија и низ светот, им порача Иванов на питомците од Воената академија.

Тој нагласи дека живееме на простор кој дал големи воени лидери кои со своите подвизи го менувале текот на македонската, но и на светската историја.

– Тука минувале многу војски, биле исцртувани многу граници и копани многу ровови. Сме имале бројни востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Од големите премрежија, како народ, секогаш сме излегувале посплотени, посилни и побогати со нови искуства и со знаења за тоа како да се добие наредната битка. Научивме многу важна лекција: Дека никој нема да ја сака Македонија ако сами не ја сакаме. Никој нема да се бори за Македонија ако прво ние не се бориме за неа. Никој нема да ни ја чува Македонија ако прво сами не ја чуваме, потенцира Иванов.

Денес, посочи, кога се соочуваме со нови бројни предизвици и нови сложени закани, вашиот придонес е поважен отколку кога било порано.

– Грижејќи се за одбраната, за територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија, вие ќе ги обезбедите трите нешта кои се најважни за секој човек, а тие се: безгрижно детство, просперитетен живот и спокојна старост, тука, во нашата татковина. Безбедноста е неопходна и за демократијата, и за македонскиот модел на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Впрочем, и Армијата и безбедносните структури целосно ја отсликуваат таа наша македонска реалност, порача врховниот командант.

Тој истакна дека денес Армијата на Република Македонија е препознаена како синоним за патриотизам, лојалност и дисциплина, а тоа, како што рече, е благодарение на исклучително квалитетните офицери и подофицери кои произлегле од Воената академија.

– Во ова големо училиште на нашата армија, на нашите безбедносни сили, се калат и се прекалуваат сегашните и идните воени лидери на Македонија. Оваа генерација питомци минуваат низ исклучително тешка програма која е целосно компатибилна со критериумите на Алијансата за едукација на кадри. Тука се обучуваат и студентите кои утре ќе бидат дел од мошне важните системи за управување со кризи и за заштита и спасување, прецизира Иванов.

Потсети дека седум децении по крајот на Втората светска војна светот повторно се соочува со закана за мирот и за безбедноста и нагласи дека безбедносни предизвици честопати го надминуваат капацитетот на државите сами да одговорат.

– Затоа, повеќе од една деценија, цела една генерација офицери, подофицери и војници на Армијата на Република Македонија континуирано придонесува кон мирот, безбедноста и стабилноста во светот. Имавме 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, вклучувајќи ја и мисијата ФЕНИКС. Нашите мировници се дел од мисиите „Одлучна поддршка“ во Авганистан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и УНИФИЛ во Либан. Со 16 МАП-а, Армијата на Република Македонија е една од најпроверуваните армии во историјата на НАТО, рече претседателот Иванов.

Нагласи дека македонскиот придонес не е симболичен, туку суштински.

– Едно време бевме трета земја-контрибутор по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет. Имавме повеќе војници во Авганистан, отколку 90 отсто од земјите-членки на НАТО. Иако Република Македонија сè уште не е во НАТО, Армијата на Република Македонија де факто е во НАТО. Затоа, Република Македонија не скршнува од зацртаниот евроатлантски пат. Очекуваме нашите партнери и сојузници да донесат храбра одлука и конечно да го деблокираат нашето залужено членство во НАТО. Затоа што заедно сме посилни, порача Иванов.

Како врховен командант, додаде, знам дека македонскиот војник е скромен, благодарен и дека се задоволува и со малку.

– Затоа постојано инсистирам за зголемување на средствата за Армијата, за да биде подготвена за предизвиците, бидејќи цврсто верувам дека ниту една армија не е подобра од нејзините војници, од нејзините офицери и подофицери. Во Армијата мора да се вложува, потенцира Иванов.

Деканот на Воената академија д-р Орце Поповски потсети дека првично беше предвидено Академијата да почне со работа во учебната 1993/94 година, но официјално почна со работа на 14 јуни 1995 година.

– Се до 2003 година Воената академија продолжи цврсто да чекори по претходно трасираниот пат, кога поради трансформациските процеси во Армијата се појави вишок на офицерски кадар, па од учебната 2003/04 година не се запишуваа питомци на додипломски студии. Од тој момент наставниот процес беше насочен на доедукација на четирите гереации примени питомци, на специјализацијата за командни и штабни должности и на организирањето курсеви, рече Поповски.

Тој прецизира дека ваквиот режим на работа траеше се до 18 август 2008 година кога тогашниот министер за одбрана Зоран Коњановски најави повторно ставање во функција на Академијата.

– На 11 декамври 2008 година Владата донесе одлука за рестартирање на работата на Воената академија и се донесе новиот Закон за Воената академија согласно кој е високо научна установа за образование на кадри за потребите на Министерството за одбрана, АРМ, управувањето со кризи и заштитата и спасувањето. Со Законот и беше овозможено на Академијата да склучи договор за придружно члество со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип со што се воведоа цивилни звања за завршените питомци и издавање на универзитетска диплома. Студиските програми се акредитирани согласно Болоњскиот процес со што на Алкадемијата и се овозможи и регионален пристап, рече Поповски.

Нагласи дека во Академијата сега се образуваат кадри и за потребите на армиите на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, што, како што рече, практично ги прави и меѓународно признати дипломите кои ги издава.

Досега на Воената академија завршиле и се промовирале во првиот офицерски чин 14 генерации или вкупно 848 питомци, 10 генерации или 286 питомци за логистичките и другите служби во АРМ, две генерации или 17 студенти за потребите на кризниот менаџмент, 14 генерации односно вкупно 311 офицери на специјалистичките стручни студии за командни и штабни должности и 27 студенти на магистарски студии.