Иванов: Време е декларативноста да ја преточиме во акција

Со овој Самит се подига свесноста на земјите за поголемо внимание кон оние што имаат потреба од хуманост. Сведоци сме како милион мигранти, економски и политички бегалци од конфликтите, но и од она што се случува со климатските промени, поминаа преку нашата држава. Затоа е потребна промена на пристапот за справување со овие предизвици, порача претседателот Ѓорге Иванов во Истанбул на првиот Светски хуманитарен самит во организација на Обединетите нации.

Да не се занимаваме секогаш со последиците туку да се превенира, односно кога се откриваат причините за ваквите појави, превентивно да се делува. Македонија е позитивен пример со превентивната дипломатија што постоеше кај нас, и таа е успешна приказна на Обединетите Нации, изјавил македонскиот претседател.

Според Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, бројни кризи добија на интензитет и притоа создадоа многу последици, како еколошки проблеми и неуспешни мировни справувања со кризни жаришта.

Затоа е време за акција и промена на односот на членките на Обединетите нации. Обединети нации да не приоѓаат декларативно, односно да нема еуфорија само додека траат Самитите и само тогаш да зборуваат за тоа што им е потребно на сите тие луѓе, истакнал Иванов.

Македонскиот претседател нагласи дека и во минатото имало многу ветувања но, како што додава, ние како земја како Македонија, имаме многу негативно искуство од таквите ветувања од различни донаторски конференции и од разни фондови, кои како што оцени, се отвораат кога е актуелно некое прашање, а потоа со текот на времето ги забораваат.

Претседателот Иванов додаде дека истото се случило  кај нас со бегалската криза во 1999-та, кога од донаторска конференција Македонија не добила речиси ништо. Па и сега, како што нагласил шефот на македонската држава, сите тие суми што спомнуваат дека Македонија ги добива, ги добиваат хуманитарни организации, не ги добива државата.

Ова мора на некој начин да се промени, не може некој да профитира од маките и страдањата на поединци кои имаат неопходна потреба од достоинствен живот, посочи претседателот Иванов.

Голем број луѓе, истакнал македонскиот претседател ја губат територијата на своите држави со климатските промени. Другите се соочуваат со епидемии, третите со воени конфликти или со пропаднати држави.

Сето тоа ја дига свеста за хуманиот пристап на човековата цивилизација. Но не само државите, туку секој од нас треба да ја разбуди хуманоста во себе за да може да им помогне на сите луѓе кои имаат потреба од тоа, рече претседателот Иванов.

Во рамки на Светскиот хуманитарен самит, вчера, македонскиот претседател имаше свое обраќање на пленарната сесија на тема „Политичкото лидерство во превенирање и решавање конфликти” и учествуваше на лидерскиот сегмент, заедно со останатите шефови на држави и влади. Тој оствари и билатерални средби со турскиот претседател Репеп Таип Ердоган и со премиерите на Грција и на Словенија, Алексис Ципрас и Миро Церар.

На Самитот учествуваа околу 5.000 учесници, вклучувајќи шефови на држави и влади од шеесетина земји, лидери од кризните региони, раководни лица на меѓународните организации, претставници на приватниот бизнис сектор, како и преставници од граѓанскиот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.