Иванов за ИТАР-ТАСС: Односите со Русија се посебен интерес за Македонија

ФОТО: МИА

Натамошното  унапредување на пријателски односи со Руската Федерација останува посебен интерес за Македонија, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за руската новинска агенција ИТАР-ТАСС, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, пренесува МИА.

„По преземањето на должноста претседател во 2009-та, лично се ангажирав и активно се вклучив со цел натамошно унапредување на односите и особено на интензивирање на соработката. Ме радува што изминативе пет години со заемен ангажман постигнавме значајни резултати. Договорот за вклучување на Република Македонија во „Јужен поток” е од огромен интерес, бидејќи ќе обезбеди енергетска стабилност на земјава во следните децении. Во оваа насока, партнерството со Руската Федерација за нас е од суштинско значење,  и  јас лично неколку пати остварив средби со раководството на „Газпром“, со Алексеј Милер, на кои изразив апсолутна политичка поддршка за реализација на овој проект и вклучување на Република Македонија во истиот. По примерот на енергетскиот сектор, искрено се надевам и очекувам дека во наредниот период ќе успееме да ја прошириме соработката и во други области, преку реализирање на конкретни проекти“, вели претседателот Иванов за ИТАР-ТАСС.

Руската Федерација, според Иванов, има мошне значајна улога на меѓународната сцена, руската економија станува една од најмоќните во Европа и претставува значаен трговски партнери на Република Македонија.

„Руската Федерација има принципиелна позиција во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. Така што, натамошното  унапредување на пријателски односи со Руската Федерација, останува посебен интерес за Македонија и сигурен сум дека во периодот што следи со заеднички ангажман ќе ги искористиме сите можности за уште поинтензивна соработка, особено економската“, вели македонскиот претседател, пренесува МИА.

Во интервјуто за ИТАР-ТАСС, претседателот Иванов го најавува и своето присуство на отворањето на Зимските Олимписки игри во Сочи, како и посетата на Москва што ќе следи потоа, каде што на покана на реномираниот и престижен државен универзитет  Ломоносов ќе одржи предавање.

„Со задоволство ја прифатив поканата и ќе присуствувам на свеченото отворање на ЗОИ во Сочи по што мојата посета ќе продолжи во Москва. Се надевам дека во Сочи ќе имам можност да се сретнам и со претседателот Путин, кој има отворена покана за посета на Република Македонија. Целта е да ја одржиме оваа динамика на највисоко ниво во двата правци“, вели претседателот Иванов во интервјуто за руската новинска агенција.

Клучно во приближувањето на македонскиот и рускиот народ, според претседателот Иванов, е и треба да биде соработката меѓу двете држави. Рецептот, според македонскиот претседател, е соработка, прогресивни идеи и следење на глобалните трендови.

„За таа соработка да биде успешна потребно е да се обезбеди целосна слобода на движење. Тука воедно мислам и на размена на информации, на стоки, на човечки потенцијали, образовни кадри. Така што, како што руските граѓани можат слободно да патуваат во Македонија, искрено очекувам дека и Руската Федерација наскоро ќе воспостави визни олеснувања за македонските граѓани. Слободата во движењето е предуслов, не само од аспект на развој на туризмот, туку и од аспект на развојот на научно-образовната, техничката и пред се економската соработка. Сметам дека пред се политичките лидери се тие кои со своите постапки треба да даваат позитивни примери кои ќе ги следат нивните народи, односно останатите чинители во општествата“, вели претседателот Иванов во интервјуто за ИТАР-ТАСС.

Македонија и Русија воспоставија дипломатски односи на 31-ви јануари 1994 година, откако на четврти август 1992 година официјална Москва ја призна Република Македонија за суверена и независна држава, под нејзиното уставно име.