Иванов: Заев првично ја поздравил одлуката за помилувањето, како начин за излез од кризата

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за весникот Дневник вели дека ги образложил сите аргументи околу донесената одлука за помилување.

-Одлуката ја донесов врз основа на правата, но и обврските што ми се дадени во Уставот и во Законот за помилувањето. Од правен аспект сè е чисто и јасно. Во меѓувреме се јавија разни интерпретации и оспорувања на таквата правна основа. Од целата таа дебата можевме да дознаеме колку лажни авторитети сме имале во државата. Дознавме колку лесно се руши сопствениот авторитет за да ѝ се угоди на одредена политичка структура или колку влијае на стручниот став фактот кога ќе ве стават на список за советници. Ние не сме единствената земја што влегува во ваква длабока политичка криза, вели Иванов за Дневник.

На обвинувањата од критичарите дека со неговата одлука се врши селективна правда, Иванов со одговор:

– За каква селективна правда зборуваат кога беа опфатени претставници и на власта и на опозицијата вклучувајќи ги и обвинетите во случајот „Пуч“ и лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Потоа беа опфатени обвинителите од СЈО за кои постоеја кривични пријави за малтретирање во вршење на службата, па дури и сопругот на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, и сите од власта за кои имаше кривични пријави. Ако Заев е искрен, треба да обелодени што кажал по мојата одлука – ја поздравил и истакнал дека помилувањето е начин да се излезе од кризата. А некои од опозицијата, кои биле на листата со помилувани, дури и славеле. Но, веројатно поради притисокот што им бил извршен, иако не по нивна волја, во меѓувреме си го променија мислењето, потенцира шефот на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.