Иванов-Земан: Политичката и културната соработка да се преслика и во економијата

Иванов-Земан: Политичката и културната соработка да се преслика и во економијата
Иванов-Земан: Политичката и културната соработка да се преслика и во економијата
Традиционално добрите пријателски односи меѓу Македонија и Чешка треба да ги следат и бизнис-заедниците на двете држави, а исклучително позитивната политичка и културна соработка да биде насока за натамошно интензивирање и унапредување на реалициите и во областа на економијата. Ова денеска пред учесниците на Македонско-чешкиот бизнис форум што се одржува во Охрид им го порача претседател на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

– Особено значајна за двете држави се смета соработка во енергетскиот сектор, обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата енергија, геотермалните технологии, рударството. Посебен интерес постои и во областа на металната и електроиндустријата, во автомобилската индустрија за поврзување на македонските производители со чешки компании, хемиската индустрија, животната средина, земјоделството, прехрамбената индустрија и туризмот, рече Иванов.

Чешкиот претседател Милош Земан одушевен од убавините на Македонија, особено на Охрид, изрази отворено жалење што во моментов нема организирани туристички посети на чешки гости во нашата држава.

– Целта на активностите и на бизнисмените и на политичарите е да ги увидат празнините во соработката. Македонија е прекрасна земја, а доколку се има предвид дека туризмот е индустрија, тука постои празнина што треба да се пополни, рече тој притоа укажувајќи на предностите што Република Македонија ги има пред останатите познати туристички дестинации во светот кои моментално се потенцијални мети на терористички напади.

Истовремено Земан критички се осврна на недоволно искористените можности за чешки инвестиции во Македонија, забележувајжи дека тоа е пропуст на двете држави, притоа посочувајќи примери на конкретни парадоксални административни и бирократски пречки.

– Убеден сум дека оваа моја посета на Македонија ќе помогне во насока на пополнување на празнините што ги посочив. Веќе соработуваме во областа на хидроенергетскиот сектор „Хидропол“ веќе има изградено седум хидроцентрали во Македонија, што е добар почеток. Оттаму искрено се надевам дека и денешниот собир ќе резултира со нови бизнис-договори, во духот на меѓусебно пријателство, рече тој.

Поволностите што Македонија и Охрид ги нудат за потенцијалните инвеститори пред учесниците на бизнис-форумот ги претставија заменик-министерот за економија Христијан Делев и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Како позитивни примери на соработка на Охрид со Чешката Република Бакрачески ги посочи партнерскиот договор со компанијата „ИЦС системи“ за одржување на јавното осветлување во градот, како и соработката на реномираниот Прашки универзитет за филмска уметност (ФАМУ) со Македонскиот институт за филм со седиште во Охрид.

– Охрид ги поврзува македонскиот и чешкиот народ преку сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј, кои ги исцртаа контурите на поврзаноста на двата народи…Република Чешка има голем удел во развојот на овие простори во секој поглед, демократски, општествен, културен, економски. Се надевам дека и нашата генерација ќе ги продолжи традициите на ваемна помош и соработка на сите полиња, особено во областа на туризмот, рече Бакрачески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.