Македонија,Економија

Глобална ИТ компанија заинтересирана за влез во Македонија

Глобална ИТ компанија заинтересирана за влез во Македонија

Светски позната ИТ компанија е во фаза на донесување одлука за инвестиција на македонскиот пазар. Ова во интервју за tv.lider.mk го најави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

„Во преговори сме со повеќе ИТ компании, со дел од нив сме во напредна фаза. За 45 дена една поголема ИТ компанија најави дека треба да донесе одлука за инвестирање во Македонија, но не би можел во моментов да коментирам повеќе бидејќи истата е листирана на Американската берза и не би можел да откријам пред тие да објават на берза. Доколку одлучи да влезе ќе има дополнително голем број на вработувања во Македонија“, истакнува министерот Ивановски.

Македонскиот пазар станува се попривлечен за странските ИКТ компании, најмногу поради погодната бизнис клима и подготвениот кадар.

„Имаме голем интерес од странските компании, особено во ИКТ секторот. Ги интересира и самата позитивна бизнис клима во земјава, но, секако дека се интересираат и за квалитетот на студентите кои излегуваат од нашата Академија. Оние кадри што излегуваат од студентските клупи се спремни да влезат во приватниот сектор, но сепак им е потребна дополнителна дообука со цел да станат експерти во едно поглавје, дали станува збор за програмирање или за сервисирање, или пак за нудење други услуги“, објаснува Ивановски во интервјуто.

Сите мерки кои се преземаат за развој на ИКТ пазарот и развој на кадрите во оваа индустрија во земјава се препознаени од страна на странските инвеститори. Затоа, вели министерот Ивановски, преку Агенцијата за вработување направени се неколку програми за доедукација со кои ИТ кадрите ќе можат да се стекнат со лиценци од Мајкрософт, Оракл, Јава, односно она што го бара пазарот, за приватниот сектор да знае дека тоа лице кога ќе го заврши тој светски препознатлив курс и ќе добие сертификат, дека тој е веќе спремен активно да придонесе за развојот на таа компанија.

На македонскиот пазар веќе присутна е компанијата Ендава, но освен странските компании интерес за проширување на пазарот имаат и домашните компании.

„Ако претходно Скопје беше главна дестинација за овие компании, сега тие се прошируваат и на целата територија на Република Македонија, бидејќи пазарот во Скопје се повеќе и повеќе се заситува. Поради тоа што станува збор за кадар кој што може да работи од дома, или од на било која друга локација, не мора сите компании да се лоцирани во Скопје, каде што животот е поскап, а примањата кои треба да ги добијат според стандардите треба да се повисоки“, вели Ивановски и додава дека добар пример за ова е домашната компанија Сивус имаше распишано оглас за 400 вработувања надвор од Скопје.

Расте домашниот ИКТ пазар

И домашните ИТ компании забележуваат напредок, после периодот на стагнација кој настана како последица на глобалната економска криза. Се забележува раст кај софтверските услуги, но сеуште стагнира хардверскиот дел на пазарот.

„Кај домашните ИКТ компании позитивно е тоа што се забележува пораст во програмирањето и услугите. Тоа е поглавје од оваа индустрија кое има голем напредок и кое има поголема додадена вредност во економијата. Има стагнација или намалување кај оние коишто продаваат опрема, односно хардвер. Тоа е нешто за коешто неколку години сме дискутирале со коморите- да им се помогне на тие компании да се преструктуираат за да можат да нудат услуги кои им се потребни на компаниите и во Македонија и во светот“, нагласува министерот Ивановски.

На македонскиот пазар постојат и помали ИТ фирми кои работат исклучиво за странски компании, од програмирање на апликации за паметни телефони, до креирање игри, сервисирање на услуги, одржување на клиенти. Ова покажува дека има потенцијал во Македонија уште повеќе да се фокусираме на тоа поглавје, вели Ивановски, затоа што во помалите градови ќе се формираат помали компании, а тоа е значајно за демографијата на Македонија.