Македонија

Ивановски на конференција за слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет

Ивановски на конференција за слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет

Во организација на фондацијата Метаморфозис денеска се одржува јубилејната десетта меѓународна конференција е-Општество.мк, која оваа година е на тема „Човекови права и интернет – Слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет“.

Обраќање на конференцијата имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација, се силни поддржувачи на развојот на интернетот во севкупното општествено живеење, но истовремено треба да се внимава на предизвиците кои ги наметнува интернетот како што се безбедноста, сигурноста и приватноста на корисниците, особено на младите генерации.

Според него, еден од најголемите проблеми на светско ниво во однос на приватноста на корисниците на интернет е регистрирањето и симнувањето нови апликации кога се поставува прашањето дали се согласувате со правилата.

„Најчесто граѓаните без да ги прочитаат правилата кликаат дека се согласуваат, а потоа може да има бројни последици. Голем дел од апикациите кои денес се користат на мобилните телефони имаат пристап и до вашите контакти, слики, навики, кои веб страници ги пребарувате. Доколку вие се согласите на почетокот, најчесто најголем дел од овие информации веќе се продаваат на други компании што пак потоа може да има последици“, рече Ивановски во обраќањето.

Амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер порача дека секој има право на заштита на својата приватност, од говор на омраза и од навреди на интернет. Секое лице треба да знае како властите може да го заштитат од овие несакани појави, наведе Оер, потенцирајќи дека тоа е глобален проблем за кој се дискутира и се бараат начини за решавање.

Инаку, конференцијата се спроведува во рамките на Проектот за децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Метаморфозис и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права.