Ивановски се сретна со преставници на синдикатите

Министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и Марта Арсовска Томовска, денес остварија консултативни средби со претставници на Македонскиот полициски синдикат, Синдикатот на одбраната и безбедноста и со Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва.

На средбите, како што информираат од министерството, се разговарало за предлозите и забелешките кои синдикатите ги доставија до министерството, по однос на предлог текстовите на Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници.

Синдикалните претставници се интересирале за колективните договори, кои остануваат во сила за вработените во јавниот сектор, потоа за начинот на оценувањето на административните службеници, кој добива поголема објективност во однос на досегашната пракса, како и за други прашања поврзани со предлозите и сугестиите кои ги доставија по однос на предлог-законските решенија.