Ивановски : Широкопојасен интернет за 80 отсто од населението до 2018

Осумдесест отсто од населението во Македонија до 2018 година да биде покриено со широкопојасен интернет со брзина од 100 Mbs., изјави министерот Иво Ивановски на Светскиот самит за информатичко општество, кој се одржува од 10 – ти до 13 – ти јуни во Женева.

Ивановски во своето обраќање се осврна на повеќе аспекти од развојот на информатичкото општество во Македонија, кој во последните неколку години добива силен интензитет во повеќе општествени области.

„Во моментот повеќе од 25.000 луѓе годишно во главниот град ги користат предностите на едношалтерскиот систем и тие не мора да одат од еден шалтер на друг, од една до друга канцеларија. Ние сме во процес на надградба на овие услуги, со што повеќето од нив ќе може да се направат on-line со користење на електронски потпис. Исто така, Македонија успешно го спроведе вториот акционен план за Отворено Владино партнерство, со кој владата ќе им овозможи на граѓаните бесплатно користење на податоците кои се од нивни интерес. Приватниот сектор користејќи ги тие податоци може да креира апликации или услуги.„- рече Ивановски.

Тој истакна и дека Македонија во текот на 2013 година, успешно го спроведе и процесот на дигитализација, односно преминот од аналогна во дигитална телевизија. Од аспект на широкопојасниот интернет Ивановски напомена дека пред четири години започна реализацијата на проектот за бесплатен Wi-Fi интернет во 680 рурални средини, со цел да им се овозможи и на граѓаните во најоддалечените области користење на интернетот.

Ивановски ги претстави и владините цели за наредните четири години, со кои дополнително ќе се придонесе во развојот на информатичкото општество во земјата.

„Наша цел е 80% од населението во Македонија до 2018 година да биде покриено со широкопојасен интернет со брзина од 100 Mbs. Потоа, бројот на домаќинства кои користат интернет да достигне 90% до 2018 година,  најмалку 33% од малите и средни претпријатија да ги продаваат своите производи on-line , да се ​​намалат роаминг трошоците, како и да се ​​зголеми бројот на е-услуги.„- најави Ивановски.

Инаку, Самитот за информатичко општество им овозможува на учесниците да развијат панел дискусии на високо ниво, a се организираат министерска тркалезна маса и тематски работилници на кои се разменуваат искуства и знаења. На крајот од самитот, ќе бидат усвоени два документа, кои се однесуваат на спроведувањето на резултатите од самитот.

На самитот чиј домаќин е Меѓународната телекомуникациска унија, а меѓу другите поддржан и од УНЕСКО, УНДП, Конференцијата на Обединетите Нации за трговија и развој (UNSCTAD), учествуваат претставници на владини институции, приватниот сектор, невладини и меѓународни организации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.