Македонија

Ивановски: Следната година поголем развој во ИКТ секторот

Ивановски: Следната година поголем развој во ИКТ секторот

Повисок степен на развој на информатичкото општество во Македонија, подготовка на стратегија за креирање дигитална одржлива економија, многу повеќе услуги за граѓаните од институциите преку електронски едношалтерски систем, промени кај кабелскиот и телекомуникацискиот сектор. Ова се најавите за 2015 година од министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, јавува МИА.

Според Ивановски, 2014 за информатичката област во Македонија е успешна година особено во делот на користење интернет и негова распространетост во земјата и со повисока позиција на меѓународната рејтинг листа за информатичка технологија.

– Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 65  проценти во 2013 година, на 67,7 проценти во 2014 година. Речиси сите или 99,1  процент домаќинства со интернет пристап, имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет. Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 67,6 проценти, a интернет користеле 68,1 процент. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 96,3 процент, рече Ивановски сублимирајќи ги податоците од Државниот завод за статистика.

Ивановски потсети дека Македонија годинава во 13-то издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија на Светскиот економски форум, е рангирана на 57 место, што претставува напредок за 10 места од минатата година. Во 2014 година МИОА  започна со подготовка на две ИКТ стратегии – едната на краток рок до 2017 година и втората на подолг рок до 2020 година. Се подготвува и стратегија за креирање на дигитална одржлива економија, која ќе биде вклопена во ИКТ стратегиите.

– Сите статистики, анализи и стратегии во подготовка, претставуваат добра основа и во наредната 2015 година, да го подигнеме степенот на развој на информатичкото општество во земјата, кое покрај другото ќе стимулира и нови работни места и зголемување на националниот економски раст, рече министерот Ивановски.

Претпоставуваме, додаде,  дека во 2015 година ќе има консолидација во кабелскиот сектор, односно помалите кабелски  оператори ќе бидат најверојатно откупени од поголемите, што е  дополнителен сигнал за развојот на информатичкото општество. Воедно мобилните оператори ВИП и ОНЕ потпишаа договор за спојување, а Комисијата за заштита на конкуренција треба да го одобри нивното спојување.

Во рамки на проектот „интероперабилност“ годинава во просек по 2.000 граѓани месечно кога се обратиле до Централен регистар или некоја друга институција немале потреба да се обраќаат  и до Катастар или до Царинска управа… Со тоа на 2.000 граѓани месечно им заштедивме време да не одат од шалтер на шалтер. Тоа се околу 24.000 граѓани годишно и таа бројка е константна од година во година, рече Ивановски.

Очекуваме, истакна, да продолжиме со развојот на интероперабилноста, за што годинава потпишавме два договори, еден склучен преку ИПА проект за поврзување  на 15 институции, и еден финансиран  од Владата на РМ, каде се поврзуваат дополнително 21 институција. – Сите треба да завршат  кон крајот на 2015, а со тоа граѓаните ќе може да користат  електронски едношалтерски систем, а 99,9 отсто од институциите што нудат услуги за граѓаните ќе можат податоците да ги добиваат електронски и граѓаните да не одат од шалтер на шалтер, рече Ивановски.