Македонија

Ивановски : Соработката со Мајкрософт нуди можности за вработување на младите луѓе

Ивановски : Соработката со Мајкрософт нуди можности за вработување на младите луѓе

Во наредните три години ќе се обучат двесте илјади студенти од Република Македонија за користење на најновите технологии што ќе им помогнат да бидат поконкуретни на пазарот на трудот. Ова го најави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во рамките на втората Мајкрософт конференција „Недела на јавниот сектор„ што се одржува во Скопје. Активноста е во рамките на програмата Youthspark на Мајкрософт Македонија.

Дополнително продолжува соработката во програмата наречена „Партнери во учењето“, преку која се обучени голем број на наставници. Трет проект е сите алатки и апликации кои им се потребни на едно средно или мало претрпијатие, Мајкрософт бесплатно да им ги дава и да минуваат низ циклус на обуки.

Ивановски ги претстави владините активности на планот на обезбедување поквалитетни административни услуги, со цел излегување во пресрет на потребите на граѓаните и деловните субјекти.

„Со донесувањето на Законот за отворени податоци усвоен минатата година институциите се обврзуваат во определен временски период, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните. Овој процес ќе му помогне на приватниот сектор и на граѓаните, а очекуваме тоа да поттикне нови работни места и нови иновации. Искористувањето на овие податоци може да им помогне и на студентите, односно младите претприемачи.„- рече Ивановски.

Тој се осврна и на проектите и резултатите во областа на Е-владата, како програма која Република Македонија ја воведе со цел обезбедување на поквалитетни административни услуги.

„Паралелно со ова работиме на развој на електронски систем за обуки на администрацијата, планирање на отворени услуги каде клучен фактор е приватниот сектор кој треба да и даде дополнителна вредност на  услугата на институциите, анализа на можностите и исплатливоста за различни форми на cloud владини решенија итн.„- додаде министерот Ивановски.

Пред почетокот на конференцијата Ивановски во својот кабинет оствари работна средба со потпретседателот на Мајкрософт за јавниот сектор за Европа, Средниот Исток и Африка, Џо Макри, со кого сподели мислења и идеи во насока на создавање услови за зголемување на можностите на младите луѓе за вработување и започнување на сопствен бизнис.

Инаку, на дводневната конференција во Скопје, експерти од Мајкрософт за јавниот сектор ќе презентираат некои од најновите ИТ решенија за јавниот сектор и ќе модерираат дискусии на тркалезни маси за предизвиците на модерните влади. интеракција со граѓаните, сајбер безбедноста и дигиталниот криминал.