Ивица Дачиќ во официјална посета на земјава

Министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ ќе престојува во еднодневна официјална посета на Република Македонија, на 15 септември  оваа година.

Покрај средбата со својот домаќин, Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, Министерот за надворешни работи, Дачиќ се очекува да биде примен од Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и од Претседателот на Собранието  на Република Македонија, Трајко Вељаноски.

За време на посетата се очекува соговорниците да се осврнат на севкупната  соработка меѓу  Македонија и Србија, како и  можностите за нејзино натамошно унапредување. Се очекува да стане збор и за одржување на втората Заедничка седница на Владите на двете земји во  Република Македонија, по можност до крајот на оваа година. Посетата ќе биде искористена и за размена на мислења околу актуелните меѓународни прашања, како и за соработката во рамките на мултилатералните и регионални организации.