Ивон: Роуд-шоуата се одличен начин за презентација на бизнис можностите на Македонија

Британскиот амбасадор во земјава Кристофер Ивон истакна дека бизнисмените во Британија не се запознаени доволно за инвестирањето во Македонија, па затоа според него, мора да се потенцираат поволностите на македонскиот пазар и економија и бизнис услови со цел да се привлече британскиот капитал.

“Еден начин секако се овие „роуд шоуа“ за на публиката таму, составена од бизнисмени да се презентира земјата. Поразговарав со некои од бизнисмените кои беа таму и после интерактивните презентации ним им беше појасно што нуди Македонија за инвестирање“, рече амбасадорот Ивон во интервјуто за неделникот Капитал.

На прашањето може ли да се очекува британските инвеститори да покажат поголем интерес за инвестиции во Македонија во следниот период, Ивон вели:

„Се надевам, но сепак ќе треба да ги прашате инвеститорите како тие гледаат на ова, затоа што тие две работи гледаат. Прво, кој пазар им е најдобар, најконкурентен споредено со другите пазари, а второ, покрај финансиските калкулации секогаш е битна и политичката клима, владеењето на правото и реформата на јавната администрација, судскиот систем. Затоа што, ако ти решат да инвестираат, тогаш стануваат корисници на услугите на земјата и тоа директно ги допира. Затоа мора да има своевиден баланс на она што го нуди економскиот аспект на една страна и практичкиот, административен од друга“.

Ивон вели дека според сите Извештаи, (Дуинг Бизнис, Стартинг-ап бизнис), Македонија е атрактивна, значи, има опкружување во кое многу инвеститори гледаат добра прилика да работат.

„Што се однесува до новите инвеститори, тие гледаат и другите компании кои се веќе присутни како се снаоѓаат тука. Најголемиот британски инвеститор тука, Џонсон Мети одржа една презентација за да демонстрира како тие работат и кои поволности ги уживаат“, вели Ивон.