Изберете паметен начин на транспорт во интерес на здравјето и домашниот буџет

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денека свечено го промовираа започнувањето на Европската недела на движење, која од 16 до 22 септември ќе се спроведува низ државава и низ цела Европа.

Министерството за животна средина и просторно планирање е во улога на национален координатор, а за учество веќе се пријавени пет града и тоа: Битола, Берово, Струмица, Велес и Градот Скопје. Но, до крајот на неделата, која завршува со традиционалниот „Ден без автомобили“ се очекува вклучување на многу повеќе градови, компании, организации, институции и граѓани.

„Годинешново мото „Нашите улици, наш избор“ е порака која треба да допре до секој поединец и да не потсети дека, во каков град и во каква држава ќе живееме во голема мера зависи и од нас самите. Особено важно е да се потсетиме дека автомобилите треба да се користат одговорно, да се избира „паметен“ начин на транспорт, што би значело да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење, но при тоа да се води сметка за животната средина и загадувањето што го произведуваме. Размислувањето и бирањето на начинот на транспорт, значи почиста животна средина, намалена бучава, подобрено здравје, а најчесто и заштеден семеен, но и државен буџет,“ изјави министерот Изаири во своето обраќање.

Посебни честитки беа упатени до Градот Скопје кој редовно се регистрира не само како учесник, туку аплицира и за годишна награда, рамо до рамо со другите европски метрополи и тоа не само за активностите по повод Европската недела на движење, туку и воопшто за ангажманот околу пронаоѓање и имплементирање на нови транспортни решенија, подобрување на условите за јавен превоз, обезбедување на велосипедски патеки и слични активности.

Активноста се реализира со поддршка на Европската Делегација во Република Македонија и Еу Инфо Центарот во Скопје.