Избодено 24 годишно момче во Центар, сторителите фатени

Едно лице било прободено со нож во физичка пресметка помеѓу повеќе лица од Скопје, кои, како и повредениот, се сторители на повеќе кривични дела, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во врска со инцидентот биле приведени две лица, а на едниот од нив му е одредена мерка притвор од 30 денови.

Како што информира МВР, случајот бил пријавен на 20 септември, околу 23.40 часот, од службено лице за обезбедување во ГОБ „Наум Охридски“, каде што повредениот 24-годишен скопјанец бил примен со убодна рана во ногата, при што истиот инсистирал случајот да не се пријавува, а кога бил упатен на рентген, самоволно ја напуштил болницата, без да му се укаже помош.

Околу 01.20 часот, тој поторно се вратило во ГОБ „Наум Охридски“, барајќи да му се укаже лекарска помош и да се извести полиција. По укажаната помош повредениот се упатил во полициска станица „Центар“, каде го пријавил настанот.

Според исказот даден пред полициските службеници, на 20-ти септември околу 23.30 часот на ул. „Народен Фронт“ додека повредениот го паркирал своето возило, патот му бил попречен од  автомобил „БМВ“ управуван од С.К.(22). Од возилото излегол Ф.Ц. (17) со пивско шише во раката и кога стигнал до возилото го скршил шишето од ветробранското стакло и преку отворениот прозорец физички го нападнал оштетениот, кој бил со уште двајца другари, негови врсници.  Во моментот додека траел нападот оштетениот се обидел да го придвижи возилото наназад и да го избегне нападот, но во тоа не успеал, а од другото возило излегло уште едно лице маскирано со фантомка, кој му нанел неколку удари по глават и телото  и го прободел со остар предмет.

По пријавувањето на кривичното дело, Ф.Ц. и С.К. биле повикани во службените  простории на Единицата за насилен криминал, каде истите во присуство на адвокат во целост негирале било каква поврзаност со настанот, по што било извршено препознавање на кое оштетениот  и двајцата врсници кои биле со него во возилото, со сигурност ги посочиле пријавените како извршители.

Против Ф.Ц.(17), е поднесена кривична пријава поради основано сомневање дека сторил кривично дело „насилство“, а против С.К.(22) поради основано сомневање дека бил соизвршител во кривичното дело. На Ф.Ц. судот му е одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Инаку, двајцата пријавени, но и оштетениот, се регистрирани нарушители на јавниот ред и мир, како и сторители на кривични дела проследени со насилство, недозволена трговија со дрога, недозволено поседување на оружје и имотни деликти